Димитров: Софија не ги признава Македонците во нивната држава, тоа ги прави апсурдни и сите одредби за говорот на омраза

„Софија го доби тоа што го бараше. Преговорите да не можат до крај да се отворат пред да се смени Уставот. Целиот притисок и вина, со амин на владата во Скопје, ќе се сврти врз Македонија, односно врз пратениците во Собранието. Си доби и европски и наши гаранции за диктат и наметнување на својот наратив за историјата како наш. Македонија доби, барем засега, нешто што веќе го имаше добиено и што неспорно ѝ припаѓа – македонскиот јазик“, оценува поранешниот шеф на дипломатијата – Никола Димитров, во колумна во „Дојче веле“.

Со доза иронија или не, Димитров посочува дека добро е што владата ја задржала последната црвена линија за македонскиот јазик, бидејќи во минатото и за ова, како што вели, имало „падни-стани“. Сепак, потенцира тој, таа придобивка е базична, особено што веќе е обезбедена, според него, меѓу другото и преку Преспанскиот договор.

„Не може сега повторно со истата придобивка да се бранат други и тоа за жал неодбранливи отстапки кон Бугарија, која за разлика од Грција не разбира дека ниту треба да признава ниту да негира, туку едноставно има цивилизациска должност да го прифати нашето право на самоопределување и самоизјаснување“, пишува Димитров.

Потенцира дека и за потпишувањето на договорот со ЕУ за Фронтекс на македонски јазик немала проблем ниту една друга земја членка освен Бугарија.

„Софија сега ова ќе го дозволи врз основа на својата срамна, примитивна, непријателска и антиевропска декларација дека не го признава постоењето на македонскиот јазик“, додава тој.

Прочитајте и:  Муртезани: Уставни измени ќе има кога ќе се знае крајот на процесот

Според Димитров, апсурдно е и да се зборува за борба против говор на омраза кога Бугарија го официјализира говорот на омраза со самото тоа што тврди дека македонскиот јазик и народ не постојат:

„Бугарија не го признава македонскиот јазик, а со тоа и македонскиот народ, а бара внесување на дел од бугарскиот народ во истата држава каде македонскиот народ е мнозински. Значи, не зборуваме само за Македонците во Бугарија. Софија оди чекор понатаму и не ги признава ниту Македонците во Македонија, во друга држава, во нивната држава, каде тие се мнозинство. Оваа точка ги прави апсурдни и сите одредби за говорот на омраза, за која во текстот е избришана меѓународната дефиниција од претходните верзии. Како заемно ќе се бориме против омразата, ако Бугарија го официјализира говорот на омраза против Македонците преку тврдењето дека македонскиот јазик не постоел? Преку најдрско мешање во срцето на внатрешните работи на друга држава?“, прашува Димитров.

Во текстот, поранешниот министер за надворешни работи и вицепремиер за европски прашања потенцира и дека со францускиот предлог не само што историските прашања стануваат суштински дел од пристапниот процес, туку сега, со потпишаниот Протокол, добиваат и изобилство од рокови и задачи што директно го условуваат чекорењето кон ЕУ.

Целата одговорност и притисок сега ќе бидат на грбот на историчарите, и ќе бидат неиздржливи, оценува, исто така, Димитров. Целата колумна прочитајте ја ТУКА.

- Реклама -