Димитров открива: Имаше паралелни предлози кои на некој начин ја искомплицираа ситуацијата со Бугарија

Секој што сака да помогне да се стигне до успех и решение во спорот со Бугарија, мора и да внимава како ќе постапува и што ќе предлага, изјави вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, во интервју за „Радио слободна Европа“, прашан да ја коментира изјавата на еврокомесарот Оливер Вархеји, кој деновиве на прес-конференција во Брисел откри дека бугарскиот европратеник Андреј Ковачев му бил, како што рече, „еден вид таен помошник во унапредувањето на работите“, без да навлегува во повеќе детали. Во овој контекст, Димитров открива дека имало паралелни предлози што дополнително ја искомплицирале ситуацијата.

„Морам да бидам барем делумно отворен, бидејќи сум во деликатна ситуација како човек што е одговорен за европски прашања, а прашувате за комесарот којшто по дефиниција, кој и да е, би требало да биде наш најдобар сојузник бидејќи имаме заеднички цели – нашиот успех ќе биде и негов успех, позитивно помрднување во неговото портфолио. Меѓутоа морам да кажам дека посебно се радувам што Шарл Мишел и претседателката на Европската комисија покажуваат ангажман и волја за поголем ангажман и мислам дека шансата за успех треба да се гледа со вклучување на лидерите на европските институции. Секој којшто сака да помогне во овој однос и вистина да донесе успех и решение, мора да го има и вториот аспект во калкулациите, како ќе постапува, што ќе предлага итн. Ние имавме ситуација кога имаше паралелни предлози во изминативе месеци и со германското претседателство и со португалското претседателство, коишто не придонесоа кон решение, туку на некој начин ја искомплицираа“, вели вицепремиерот во интервјуто.

Прочитајте и:  Македонија и ЕУ потпишаа Договор за партнерство за безбедност и одбрана

Прашан дали алудира на официјалните, кои ѝ се познати на јавноста – германскиот и португалскиот предлог, Димитров појасни дека „зборува за други“. Прашан дали се работи за предлози од земји-членки на ЕУ, Димитров вели: „Не, во контекст на ова што го зборувавме“. Целото интервју прочитајте го ТУКА.

- Реклама -