Димитров: На нашиот народ му должиме заштита на достоинството и идентитетот, ако Софија не се повлече ќе мораме да најдеме нови начини за европеизација

„Ако нашиот процес на пристапување се сведе толку многу на билатерален проблем што дискусиите за историјата ќе станат поважни од борбата против корупцијата, независноста на судството, функционирањето на демократските институции, слободата на медиумите, околината и енергијата, тогаш тоа не е процес кој европеизира, туку процес кој балканизира. Затоа нам ни е потребна реформска агенда со мрежа на пријатели кои се тука да ни помогнат и мораме да си поставиме јасни цели и да работиме на нив. Бидејќи не би требало да губиме време“, вели вицепремиерот Никола Димитров во интервју за австрискиот „Дер Стандард“, откако Бугарија стави вето на почетокот на преговорите на Македонија со ЕУ.

„Ние и понатаму ќе разговараме со Софија, но нема да преговараме за тоа кои сме и кој јазик го говориме. Тоа е дел од еден историски процес, а не политичка одлука. Ние му ја должиме на нашиот народ заштитата на своето достоинство и идентитет. А ако Софија не се повлече ќе мораме да најдеме нови начини на кои ќе ја европеизираме нашата земја“, додава Димитров, прашан дали ќе престанат преговорите со Софија и ќе се чека промена на тамошната актуелна влада.

Како што истакна Димитров, Бугарија испраќа многу лош сигнал за регионот, особено што Македонија беше првата што потпиша Спогодба за стабилизација и асоцијација со ЕУ, и има статус на кандидат 15 години.

Новиот проблем, особено откако се реши проблемот со Грција, па потоа и покренувањето на нова методологија од Франција, ја доведува и во прашање сериозноста на ЕУ кон нас, потенцираше вицепремиерот за европски прашања.

„Во март оваа година сè уште имаше зелено светло од Советот на ЕУ – Бугарија беше дел од овој консензус. Потоа, во октомври, добивме многу позитивен извештај од Европската комисија. А што се однесува до политичките критериуми, прилично сме напреднати дури и во споредба со оние земји кои преговараат веќе неколку години. Во последните три и пол години ги решивме проблемите со соседите, направивме големи чекори кон отворено, демократско, мултиетничко општество и спроведовме реформи за правна држава. Каква порака, всушност, се испраќа до регионот доколку ова не биде препознаено од ЕУ?“, прашува Димитров.

Прочитајте и:  Мицкоски на средба со Гир: Владата ќе продолжи да работи заедно со ЕУ во духот на партнерство и заеднички вредности

Во однос на позициите на Бугарија, цементирани во декларација во бугарскиот парламент, Димитров е категоричен дека тоа „кои сме ние – имено Македонци – и кој јазик го говориме – имено македонски“ е всушност внатрешно прашање.

„Тоа е прашање на самоопределба. Тешко е да се разбере дека во член 3 од Договорот од Лисабон ЕУ го признава почитувањето на културната и јазичната разноликост, а истовремено македонскиот јазик претставува пречка за почеток на пристапни преговори. Ова не е предизвик само за нас туку и за Европската Унија како заедница на вредности. Овде, во региониот, ние имаме богата историја, но, очигледно, не успеваме да создадеме доволно иднина“, вели тој во интервјуто.

Димитров истакна и дека заедничката комисија за историски прашања со Бугарија била формирана токму за да ја дискутира историјата, додека на политичарите и владите да им се остават само политичките прашања, но се случило спротивното.

„Но искрено: Доколку совршениот договор на сите страни за историските прашања би бил предуслов, тогаш Европската Унија никогаш немало ни да се создаде. Во модерната наука концептот на ‘историска вистина’ е застарен. Сега се говори за мултиперспективизам. При пристапувањето треба исто така да станува збор за тоа, за усвојување на правото на Заедницата и европските принципи, а не централно прашање да биде историјата“, порачува тој во интервјуто.

Како што истакна, постои огромна поддршка дека пристапните преговори може да започнат:

„Германското претседателство ќе продолжи да работи на тоа да се одржи прва меѓувладина конференција помеѓу ЕУ и Северна Македонија во декември. А ние и понатаму ќе внимаваме на тоа никому да не му дадеме причина да нè блокира. Но, тоа не значи дека ќе се преговара за нешто за што не може да се преговара. Ние ќе ја европеизираме Северна Македонија на овој или оној начин. Ако постои достоинствено решение за овој предизвик ние во целост ќе го искористиме пристапниот процес; ако тоа не е можно, тогаш ќе ги искористиме мрежите на нашите пријатели и ќе работиме на тоа да ја одржуваме земјата во добра форма за кога ситуацијата ќе се промени“.

Извор: Der Standard

 

- Реклама -