Димитров ги критикува Османи и Владата за молкот: При ваква идентитетска агресија и навреда, не може да е човек „мирен и достоинствен“

„Пријателството меѓу државите, исто како и меѓу луѓето, претпоставува почит и разбирање за другиот, за нештата што му се најважни. Договорот за пријателство со Бугарија тоа и сосема јасно го потцртува – взаемна почит. Актуелната политика на Софија очигледно не бере гајле за нас, за нашите чувства и за нашите неспорни права како македонски народ“, напиша на Фејсбук поранешниот министер за надворешни работи Никола Димитров, откако денеска во Охрид беше отворен „културниот клуб“ на бугарското здружение „Цар Борис Трети“.

„Се жалат на омраза, која самите ја создадоа и сега ја разгоруваат. На сред Брисел црно на бело и без срам и перде ни го негираа и навредија јазикот, а денес во Охрид слават лик кој соработувал со Хитлер, во држава која ја стекнала својата државност низ антифашистичката борба, при толку многу вистински примери на луѓе кои можат да симболизираат заедништво, дијалог, култура и вредности“, напиша Димитров за политиката и омаловажувачкиот однос на официјална Софија кон нас.

Иако не го спомена името на актуелниот министер за надворешни работи, Димитров, користејќи фраза слична на вчерашното соопштение на македонското МНР, го критикуваше Османи и целата Влада за тоа што не реагира на бугарските провокации.

„Затоа, во услови на ваква идентитетска агресија и навреда, не може да е човек и ‘мирен и достоинствен’. Немањето на никаква реакција е недостоинствено само по себе и само ‘кани’ нови понижувања – а, значи можете да трпите уште? Еве ви уште“, предупредува Димитров.

Според него, Владата, по овие прашања, се однесува како да е туѓа влада:

„За жал, Владата во односите со Бугарија продолжува да се однесува како туѓа влада. Сервилноста не е мудрост во ниедна дипломатска теорија и практика. Сервилноста е слабост.
Во услови на постоење на независна и суверена македонска држава, ‘мудрото’ молчење е само креирање на слика дека сме село без кучиња каде друга држава ќе си фаќа сеир на понижувањата направени на наша територија“, порача Димитров.

Она што е најтажно, според него, е што со секое ново негирање, со секоја нова ваква провокација, оваа примитивна политика удира врз македонско-бугарското пријателство и врз европските принципи и идеали напишани во Лисабонскиот договор и нѐ оддалечува како два народи сѐ подалеку. „Ова никако не е патот кон вистинско пријателство“, констатира тој.

Единствениот вистински пат напред за овој проблем, посочи екс-шефот на дипломатијата, е патот на заемната почит.

„Достоинствено, повикувајќи се на европските принципи, треба како држава јасно да ги поставиме границите на тоа што е пристојно и можно. Верувајте, не само што тоа ќе го поздрават граѓаните кои со право бараат да се грижите за нивното достоинство, туку и нашите пријатели во ЕУ, па и самата Бугарија ќе нѐ почитува повеќе.

Многу е едноставно – бидете субјект, ако сакате пријателство. Бидете предмет, ако сакате поданички однос.

Што сакаме ние? И поважно – што сме?“, напиша Димитров.

- Реклама -