Иако никој не знае кога настанала играта со џамлии, пред нешто помалку од еден век е утврдено дека луѓето со нив играле уште во 2600-тата година п.н.е., во Мохенџо Дароу на територија на денешен Пакистан. Тоа значи дека веројатно станува збор за најстарата постоечка игра на светот, стара најмалку 4.600 години.
Траги од играта се пронајдени и кај северноамериканските Индијанци. Првите пронајдени џамлии биле изработени од камен. Подоцна луѓето ги правеле и од керамика, со развојот на цивилизациите станувале сé потврди и поубави, па стигнале и до стакло, а во римската литература – во записите на поетот Овидиј – пронајдени се записи дека античките деца, кога немале друг избор, користеле лешници. Тоа алудира, од друга страна, дека играта се игра уште од кога луѓето се во контакт со зрнести плодови доволно цврсти да можат да служат како денешни џамлии.
А децата играле џамлии и кај Калдејците (или Халдејци) во Месопотамија, но и во Древен Египет. Во Европа прв пат индустриски почнале да ги произведуваат дувачите на стакло во Германија во 19-от век, со што воодушевувањето од старата игра одново се шири, прво на остатокот од Европа, но истовремено и во Америка (благодарение на миграцијата на Европјаните во Северна Америка).
Масовното производство на керамички џамлии било овозможено во 1884 година, кога фабриката на извесен Сем Дајк од Акрон во Охајо смислила дрвени блокови со по шест калапи. Речиси преку ноќ, фабриката почнала да произведува по милиони керамички џамлии дневно.
Масовното производство на стаклени џамлии пак, се развива во 1903 година, пак во Акрон, овој пат во фабриката на Фредерик Кристенсен. Со тоа Акрон станува светски центар за производство на џамлии.
Од 1932 година, група ентузијасти од Англија почнале да одржуваат натпревар кој го нарекле британско/светско првенство во играње џамлии. Сите можеле да учествуваат, а првата победничка била девојче по име Елен Гири од Лондон.
Што се однесува до начините на играње, варијанти има милион. Знаете и сами, дури и во маало имавме по неколку разни варијации, а што останува кога зборуваме за територија од Африка до Европа и од Азија до двете Америки и Австралија.
Во меѓувреме, изработката на џамлии се разви во вистинска уметност. Денес постојат керамички (порцеланки, се разбира), неколку вида стаклени, дрвени, метални… Димензиите им варираат, од еден до осум сантиметри пречник на тие кои се користат за играње, а кај тие уметничките – и до 30 сантиметри пречник.
Нормално, низ годините добивме и низа од видео игри на темаата – Marble Madness (1984.), Oxyd (1991.), Marble Drop (1997.), Marble Blast Gold (2003.), Marble Blast Ultra (2006.), Enigma i Switchball (2007.).