Џамбаски се налути на изјавата на Путин: „Засрамете се!“

„Ова е еден од вашите најсрамни фалсификати. И најжалосен“, им порача на Русите бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски, коментирајќи на твитот на Руската амбасада во Македонија која Денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј ни го честиташе со цитат од рускиот претседател Владимир Путин, според кого писменоста во Русија дошла од „токму од македонската земја“.

„Писменоста и православието во денешна Русија се пренесени  од Бугарија. И тоа е факт. ‘Македонската’ азбука е создадена заедно со македонската нација во Москва во 1945 година. А лагите се вистински срам. Засрамете се“, им напиша Џамбаски на Русите, или можеби лично на Путин, со оглед дека реплицира на лично негови зборови.

Дел од нашите бугарски соседи, пак, се пофалија дека Руската амбасада во Бугарија празникот го карактеризирала како „Празник на бугарската азбука, писменост и култура“.

„Амбасадата во Софија: ‘Празник на бугарската азбука, писменост и култура. Амбасадата во Скопје: ‘македонската земја’. Ако го земеме ‘македонска земја’ како географски поим, а ‘бугарска азбука’ како национална припадност, Русија ја гледа РСМ како ‘македонска област во Бугарија’?“, „анализира“ извесен Цветомир.

Прочитајте и:  Шикорски за ракетите со долг дострел против Русија: Тоа е јазик што Путин го разбира

Цветомир, меѓутоа, заборава дека „бугарска азбука, писменост и култура“ во името на својот државен празник го додаде самиот бугарски парламент, го преименувајќи го во „Ден на Светите браќа Кирил и Методиј, на бугарската азбука, писменост и култура и словенската книжевност“. Оттаму, сосема нормално е Руската амбасада во Бугарија да го ословува така како што државата го нарекува.

Изјавата на Путин, пак, која ја цитираше руската амбасада, датира од 2016 година, кога тогашниот претседател на државата Ѓорге Иванов, ја посети Москва.

- Реклама -