Демолиран автомобилот на портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева (ФОТО)

Портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева, денеска соопшти дека утрово своето возило го пронашла демолирано. На својот Фејсбук профил, таа објави фотографии од кои се гледа дека задното стакло е целосно искршено.

„Понеделничкото утро на мене и мојата фамилија ни започна вака, го најдов моето возило искршено и демолирано“, напиша Митева.

Според неа, се работи за политичка заднина.

„Очигледно се во паника и исплашени, па тргнаа да нѐ заплашуваат и нас зошто знаат дека ќе има одговорност за сите криминали“, пишува портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, алудирајќи на власта.

Сепак, таа порача дека ваквите методи нема да ја заплашат, ниту неа, ниту најголемата опозициска партија.

„Ако некој мисли дека пораката е примена, можам само да ви порачам дека ваквите метод,и кои се одлика на страв, предизвикуваат поголема храброст и кај мене и кај ВМРО-ДПМНЕ. Сега сме 100% уверени дека сме погодиле точно во сржта, а да знаете одговорност ќе има“, додаде Митева.

Прочитајте и:  Филипче ѝ го честиташе изборот на Шекеринска: Уште една потврда за исправноста на политиките и историскиот успех на СДСМ со членството во НАТО

Од СДСМ, пак, експресно стигна осуда на вандалскиот чин.

„Секој чин на вандализам, насилство или уништување приватна сопственост е неприфатлив и недозволив, спротивен на вредностите на нашето македонско демократско општество“, порачаа од владејачката партија.

Тие ги повикаа и, како што велат, очекуваат сите надлежни институции да го расчистат случајот, а сторителите да бидат откриени и да понесат одговорност согласно законите.

 

- Реклама -