„Дејли Мејл“ за фискалната амнестија: Парите од Лондон ќе се перат во Албанија

Во Обединетото Кралство се зголемуваат предупредувањата за одлив на парите заработени од криминални активности, главно од албанските криминални групи, јавија албанските медиуми.

Покрај нив, токму британскиот медиум „Дејли мејл“ во напис известува за планот на албанската влада да спроведе фискална амнестија, со која граѓаните ќе можат да легализираат најмалку 2 милиони евра во готовина.

„Албанија ќе стане ‘рај за перење пари’ за нарко-босовите со седиште во Велика Британија, според законите што им овозможуваат да скријат стотици милиони стекнати од криминални активности. Националната агенција за сузбивање на криминалот потврдува дека има зголемување на износите на финансиски средства кои се одлеваат од Британија во Албанија“, наведува весникот.

Според претставник на оваа агенција, целта на албанските групи е „што поскоро да ги извлечат овие пари од Британија и на кој било начин да однесат во Албанија“.

Прочитајте и:  Ден на албанската азбука: Ниту едно добиено право не може да се укине или ограничи - му порача Меџити на Уставен суд

Што се однесува до фискалната амнестија, албанскиот премиер Еди Рама категоричен е дека таа ќе се спроведе и покрај приговорите од Европската унија, чии претставници ги покани „внимателно да го следат процесот“. Според албанската влада, фискалната амнестија многупати се применувала во многу европски земји.

Извор: МИА

- Реклама -