„Зајакнување на соработката меѓу Владата и граѓанското општество“, е насловена денешната дебата што ќе се одржи во организација на Граѓанскиот ресурсен центар во нејзините простории во Скопје.
– Развиено граѓанското општество придонесува за зајакнувањето на демократските вредности и ја поттикнува граѓанската свест.
За да можат граѓанските организации да одговорат ефикасно на општествените предизвици и потребите на граѓаните, потребна е функционална соработка со Владата и институциите, соопштија од Граѓанскиот ресурсен центар.
Во тек е спроведување на четвртата Стратегија на Владата за соработка со и развој на граѓанското општество (2022-2024), која треба да обезбеди поттикнувачка и одржлива околина за непречено функционирање и независно делување на граѓанските организации.
Само ваквите организации, се посочува во соопштението, придонесуваат во зајакнување на демократското управување, ги рефлектираат интересите и потребите на граѓаните и се вклучуваат во структурниот дијалог.
– Со овој настан би поттикнале дискусија и за спроведувањето на Стратегијата, функционирањето на Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество, државното финансирање за граѓанските организации и низа други релевантни прашања.
Заклучоците од дебатата ќе се фокусираат на следните потребни чекори и активности важни за зајакнување на соработката меѓу Владата и граѓанските организации, велат од Граѓанскиот ресурсен центар.
На дебатата се поканети претставници од граѓанските организации, државните институции, донаторската заедница и други релевантни чинители. цр/лв/Фото: ГРЦ .
Извор: МИА