Ѕвездата на Манчестер Сити – Кевин Де Бруин е пред трансфер во саудиски Ал Итихад, пренесува новинарот Руди Галети. Според неговите информации, играчот од средниот ред постигнал вербален договор со клубот од градот Џеда.
Делегација на Фондот за јавни инвестиции и претставници на Ал Итихад разговарале со Де Бруин, кој веќе дал согласност за таков трансфер. Сега се зависи од тоа клубовите да се договорат за трансферната сума, а Манчестер Сити е подготвен да го пушти својот плејмејкер доколку тоа е негова желба.
Пред елиминацијата на Белгија од УЕФА ЕУРО 2024, играчот од средниот ред рече дека ќе се врати во „небесносините“ од Манчестер, а разговорите за нов договор ќе се одвиваат во наредните месеци.
Сепак, се чини дека го променил ставот откако ја добил понудата од саудискиот тим.
Актуелниот договор на 33-годишниот Де Бруин со „граѓаните“ истекува во летото 2025 година, со што би се навршиле точно десет години откако тој се пресели на „Етихад“. Доколку се пресели во Ал Итихад, Белгиецот ќе им се придружи на Карим Бензема, Н’Голо Канте и Фабињо.