Данскиот тест за државјанство не знаат да го решат ни Данците

denmark

Дури две третини од потенцијалните дански државјани не поминаа на ригорозниот тест за државјанство, факт што го потврди и Ингер Стјеберг – данска министерка за интеграција.

Новиот тест, кој е дел од планот на министерката да го отежни добивањето на данско државјанство, имигрантите првпат го полагаа минатиот месец. Резултатите се крајно поразувачки – дури 68.8 отсто од кандидатите не го положиле.

Уште по првите резултати, кога данскиот весник Politiken и многу дански медиуми го поставија тестот на своите веб-страници, се покажа дека дури и самите Данци имаат големи проблеми при решавањето на истиот.

Претходниот тест за државјанство беше актуелен за мандатот на претходната данска влада и беше многу полесен и воглавно фокусиран на современи проблеми и прашања околу интеграцијата во данското општество. Овој новиов е главно фокусиран на данската историја, вклучувајќи некои мошне бизарни прашања кои наидоа на критика во данската јавност. Згора на тоа, неопходно е да се одговорат 32 од 40-те прашања, т.е. потребни се 80% точни одговори за да го поминете.

Кандидатите за идни Данци, на пример, мораат да знаат кога е премиерно прикажан првиот филм „Olsen Banden“, за што се работи во балетската претстава „Sylfiden“, колку долго живеел данскиот композитор Карл Нилсен и колку дански општини имаат ресторани со три „Мишелин“ ѕвезди. Повеќето Данци не ни знаат што се Мишелинови ѕвезди.

Стјеберг, пак, тврди дека повеќето кандидати паднале на тестот бидејќи не се потрудиле да учат.

„Данското државјанство е нешто вредно и посебно, и тестот мора да биде тежок. Токму затоа е неопходно да ја научат нашата историја, но и останатите важно нешта за Данска“, изјави министерката, додавајќи дека сите добиле материјал за учење, но не се потрудиле да научат.

- Реклама -