Пет врати, пет места и пет илјади евра – се чини дека тоа е златното правило за преземањето на приматот на светските пазари.
Први го наметнаа Renault, со моделот Logan на својата ќерка-компанија Dacia, а многу години потоа го прифати и гигантот Volkswagen, кој ги сврте погледите со VW Up!, Škoda Citigo и SEAT Mii.
Според најавите, во блиска иднина пристигнува и друг бран слични модели на водечките европски производители. Французите велат дека не може само да седат и чекаат овој бран да ги „однесе“ и веќе подготвуваат нова мала Dacia, која ќе им ги искомплицира работите на германско-чешко-шпанската тројка.
Всушност, работата е поголема од она што навидум се претпоставува кога станува збор за мини автомобилите на алијанса Renault-Nissan. Според најавите, се подготвува цела гама мали модели – Smart ForTwo/ForFour од Daimler, Renault i2 во соработка со експертот за нискобуџетски автомобили Gerard Detourbet, Nissan K2 на V-платформата на Micra, кој ќе се нуди и како Renault, новата генерација на Clio, кој ќе дебитира наесен во Париз, нов Modus, Renault 5 за кој веќе има решение да се реинкарнира како конкурент на Mini и Fiat 500 и на крајот, новото Sandero.
Малата Dacia Towny е долга 3,5 метри и ќе биде развиена на новата модуларна платформа на алијансата. Масата на автомобилот ќе биде околу 800 килограми, а моторот е целосно нов, трицилиндерски, со 900 кубни сантиметри и три нивоа на моќност – 60, 75 и 90 КЅ. Од Dacia ветуваат атрактивен дизајн и доволно простор во кабината, како и импресивен багажник. Towny ќе се појави на пазарот во текот на 2015 година.
Објавено во соработка со Авто Плус.