CNN: САД ќе ѝ испорачаат на Украина напредни ракетни системи со голем дострел

Вашингтон, 27 мај 2022 (МИА) – Администрацијата на Бајден се подготвува да и испрати на Украина нови видови оружје како ракетни системи со голем дострел што можат да гаѓаат цели во внатрешноста на Русија, а кои се најбарани од страна на Киев, јави денеска Си-Ен-Ен.

Според извори на телевизијата, администрацијата е расположена да ги испрати системите како дел од поголем пакет воена и безбедносна помош за Украина, а за што може да биде објавено веќе идната недела.

Високи украински претставници, вклучително и претседателот Володомир Зеленски, повеќепати досега бараа од САД и сојузниците испорачување на Мултилансерен ракетен систем (Multiple Launch Rocket System или MLRS). Овој американски оружен систем истрелува ракети со дострел од стотици километри, многу подалеку од ракетите во посед на Украина.

Украинците сметаат дека со вакво оружје може да се измени текот на војната против Русија.

Прочитајте и:  Бајден одобри противпешадиски мини за Украина со цел да се запре рускиот пробив

Друг систем што Украина го побара е Мобилен артилериски ракетен систем (High Mobility Artillery Rocket System или HIMARS), полесен систем на тркала со можност да испалува ист тип муниција како и MLRS.

На почетокот, администрацијата беше неодлучна околу испраќање вакви офанзивни оружја бидејќи би испровоцирале реакција од Русија во Украина, но и надвор од неа. Таа загриженост била истакната од Националниот совет за безбедност, дека со вакви системи Украина може да гаѓа цели во внатрешноста на Русија бидејќи нивниот дострел е до 300 километри.

Друга загриженост била дали САД може да си дозволат да издвојуваат вакви напредни оружја, а кои се дел од нивните резреви.

Сепак, се дознава дека се прават напори системите да бидат испратени во најскоро време и во рамките на поголем пакет воена и безбедносна помош.

- Реклама -