Човечка ехолокација е способноста на некои луѓе да ги одредат предметите во нивната околина со слушање на ехото кое се создава од тие предмети. Оваа способност ја користат неколкумина слепи луѓе за да се движат наоколу. Тие создаваат звуци, како што се на пр. чукање со стап или кликачки звуци со устата. Човечката ехолокација е слична со принципот на работа на активниот сонар и со животинската ехолокација која ја користат лилјаците и делфините.
Бен Андервуд е еден од ретките забележани личности кои ја совладале ехолокацијата и е единствениот кој не користи дополнителни помагала (како куче-водач или стап за слепи лица), а при тоа се движи насекаде, вози велосипед, ролери, игра кошарка, може да трча по скали без воопшто да се потпира на оградата.
{youtube}qLziFMF4DHA{/youtube}
Кога Бен Андервуд се родил бил здраво бебе. По некоја година, заболел од ретка форма на ретинален рак кој се јавува само кај малите деца и тоа кај секои 6 од 1 милион. Кога хемотерапијата не успеала до крај да ги уништи малигните тумори, родителите морале да се одлучат за радикален чекор кој ја спречил болеста да се прошири во мозокот преку оптичкиот нерв. За да му го спасат животот, морале да му ги отстранат обете очи.
Просто е неверојатно како ова момче успеало да ги прилагоди останатите сетила за да се справи со својот хендикеп. Со техниката на ехолокација, Бен успеал да гледа без очи. Позитивниот дух го задржал сè до денот на својата смрт, 19 јануари 2009 година, точно 7 дена пред 17 роденден. [Ben Underwood]