Според резултатите од ново истражување, луѓето кои редовно јадат чоколадо имаат тенденција да бидат послаби. Откритието е резултат на проучување на речиси 1000 американци кое се фокусирало на исхрана, калории и индекс на телесна маса. Според студијата луѓето кои јадат чоколадо во просек по неколку пати неделно се послаби од оние кои го конзумираат само повремено.
Научниците веруваат дека иако чоколадото е полно со калории, тоа содржи состојки кои придонесуваат кон губење на тежината наместо кон синтеза на масти. И покрај тоа што го зголемува бројот на внесени калории редовното конзумирање на чоколадо било поврзано со понизок индекс на телесна маса во студијата објавена во Archives of Internal Medicine.
Поврзаноста била константна дури и кога други фактори, како нивото на вежбање, било земено во предвид. Колку редовно конзумирате чоколадо е важното прашање, не колку многу јадете. Студијата не нашла никаква врска со квантитетот на конзумирано чоколадо. Според истражувачите, екстремно се мали шансите дека нивните наоди се чиста случајност.
Но наодот само посочува кон врска – не доказ дека едниот фактор е предизвикан од другиот. Главниот автор, доктор Беатрис Голомб од Универзитетот од Калифорнија во Сан Диего, изјавила: „Нашите наоди се надоврзуваат на големата количина на информации кои наложуваат дека составот на калориите, не само нивниот број, го одредува нивното влијание врз тежината.“ Ова не е прв пат научниците да предложат дека чоколадото би можело да е здраво за нас.
Други студии наложуваат дека чоколадото би можело да биде добро за срцето. Конзумирањето на одредени типови на чоколадо било поврзано со позитивни промени во крвниот притисок, осетливост на инсулин и нивото на холестерол. Чоколадото, особено црното чоколадо, содржи антиоксиданси кои можат да помогнат во отстранувањето на штетните слободни радикали – нестабилни хемикалии кои ги оштетуваат клетките.
Доктор Голомб и нејзиниот тим веруваат дека соединенијата познати како катечини можат да ја подобрат мускулната маса и да ја намалат тежината – барем според резултатите од студии врз глувци.Глувците кои биле хранети со епикатечин (кој се наоѓа во црно чоколадо) 15 дена имале подобрени перформанси во вежбање и видливи промени во нивниот мускулен состав. Тие велат дека сега се потребни клиничките тестови врз луѓе за да се потврдат резултатите.
Но пред да посегнете по чоколадо бидете предупредени дека сè уште има неодговорени прашања. Во отсуство на цврсти докази експертите советуваат на претпазливост. Иако нема штета од повремениот луксуз во форма на чоколадо, претерувањето би можело да биде штетно поради присуството на шеќер и маснотии. [Chocolate ‘may help keep people slim’]