Чешка очекува 80 отсто од воената помош за Украина да ѝ биде надоместена од НАТО и ЕУ

Прага, 14 септември 2022 (МИА) – Чешка очекува 80 отсто од воената помош доставена за Украина да ѝ биде вратена од фондовите на НАТО и на ЕУ, до крајот на оваа или во текот на наредната година, изјави чешката министерка за одбрана Јана Чернохова.

„Од првиот момент кога почнавме да испраќаме воен материјал во Украина, доставивме и барања за компензација. Фондот во овој момент ни додели отштета за 80 отсто од нашите испораки чија вредност е 166 милиони евра“, рече таа пред чешките медиуми.

Во рамки на воената помош. Чешка на Украина ѝ испорача застарени советски тенкови „Т-72“, ​​оклопни возила БВП, хеликоптери, муниција и огнено оружје, како и пари за помош во оружје до Украина, собрани преку сметка на Украинската амбасада во Прага.

Помош за Украина доаѓа и од чешката наменска индустрија, но се работи за платено оружје. Непотврдени информации укажуваат дека за укранската армија се доставени самоодни хаубици и ракетни фрлачи.

„Начинот на кој се развиваат работите на фронтот е доказ дека било правилно да се испрати воен материјал во Украина. Чешка обезбедува и хуманитарна помош, лекувајќи ги ранетите украински борци или организирајќи одмор за децата на украинските војници“, рече Чернохова.

Прочитајте и:  Туск: Војната во Украина влегува во одлучувачка фаза, заканата од глобален конфликт е сериозна и реална

Чешка очекува пари од фондовите на ЕУ за згрижување на украинските бегалци. Од почетокот на рускиот напад врз Украина во земјата пристигнале 429.800 бегалци од кои, според податоците од август, во Чешка останале не повеќе од 300 илјади.

Министерот за финансии, Збињек Станјура, оцени дека трошоците за прифаќањето бегалци ќе бидат двојно помали од проектираните и нема да надминат милијарда евра, меѓу другото затоа што голем дел од нив нашле работа и тоа на места за кои не е потребна посебна квалификација.

„Имаме информации од работодавачите дека 120.429 украински бегалци нашле работа, а 22 илјади се пријавени за вработување“, изјави денеска Виктор Нимон, директор на чешкото Биро за труд.

Од Украинците кои побарале засолниште во Чешка, 35 отсто се деца, 72 отсто од возрасните се жени, додека пет отсто од бегалците се постари од 65 години.

- Реклама -