Екипата на Челзи за прв пат во клупската историја се закити со титулата шампион на Европа, откако во вечерашното финале од Лигата на шампионите славеше над Баерн Минхен.
Лондонскиот клуб се наоѓаше на работ на амбисот откако до самиот финиш губеше со 1:0, но, Дидие Дрогба постигна гол со којшто го одведе мечот во продолженија, Чех му одбрани пенал на Арјен Робен во 95. минута, за во суперинтересна завршница Баерн да ги промаши своите последни два удари од белата точка преку Олиќ и Швајнштајгер и да му овозможи на англискиот тим да се радува на најголемиот успех во својата историја.
Мечот мина во целосна доминација на фудбалерите на Баерн Минхен, кои видно мотивирани од поддршката на своите бројни навивачи даваа сè од себе за да го скршат отпорот на противникот. Избраниците на Јуп Хејнкес целосно ја контролираа средината од теренот, но не успеваа да најдат начин да го пробијат одбранбениот бедем на гостинскиот тим. Челзи имаше доста среќа кога ударот на Робен од голманот Чех заврши во дирекот, а нешто подоцна и Марио Гомез не се снајде најдобро во противничкиот шеснаесетник.
Баерн продолжи со подобра игра и во второто полувреме, но поголемиот дел од обидите на Робен, Рибери, Гомез и останатите баварски фудбалери беа блокирани од страна на борбените англиски дефанзивци. Луиз и Кејхил одлично си ја завршија работата во отсуство на суспендираните Тери и Ивановиќ, но неиграњето на Рамиреш и Меирелеш беше главна причина поради која „Сините“ не успеаја да воспостават рамнотежа на средината од теренот, туку многу ретко испраќаа употребливи топки до Дидие Дрогба.
Вистинските возбудувања на „Алијанц арена“ се случија во последните десет минути. Најпрвин причина за радост имаа германските навивачи, откако Томас Милер најдобро се снајде по еден центаршут на Контенто и со прецизен удар со глава ја затресе мрежата на Челзи. Сепак, Хејнкес тогаш реши да се брани, го замени Милер со дефанзивецот Ван Бајтен и тоа му се одмазди на три минути до крајот, кога Дидие Дрогба најдобро се снајде по еден корнер на англискиот гигант и го постигна израмнувачкиот гол, носејќи го ова финале во продолженија од два пати по 15 минути.
{youtube}kvfkEUIR9wk{/youtube}
Возбудувањата продолжија и во дополнителните 30 минути, откако Дрогба несмасно го фаулираше Рибери, по што судијата оправдано досуди пенал за Баерн. Германците беа подготвени за ново славје, но Петр Чех имаше поинакви планови, бранејќи го ударот од белата точка на Арјен Робен. Ова беше втор пат Робен да потфрли во клучен момент за Баерн сезонава, откако го промаши и решавачкиот пенал во дербито од Бундес-лигата со Борусија Дортмунд.
Заморот кај фудбалерите беше причина до самиот крај поголемиот дел од играта да се одвива на средината од теренот, без стопроцентни шанси пред головите на Нојер и Чех, па новиот европски првак беше решен со изведување на пенали.
Драмата кулминираше во завршницата од пенал-рулетот, кога Баерн имаше предност од 3-2 по првите три серии, но следеа промашувања на Олиќ и Швајнштајгер, по што Дрогба беше сигурен во клучниот момент и го искачи Челси на врвот на фудбалска Европа.
Објавено во соработка со Екипа.