„Заев: Некои Македонци исто така биле помошници на фашистите“, со ваков наслов, повикувајќи се на текстот на ТВ „Алфа“, бугарскиот портал „Труд“ ја пренесе изјавата на премиерот со која ја аргументираше својата теза дека не смее да се дава етничка димензија на фашизмот и дека треба да се избрише „бугарски“ од „бугарски фашистички окупатор“.
„Иако историските факти велат едно, премиерот е подготвен да ги менува, со цел задоволување на бугарската страна. Иако во светската историја јасно пишува дека Бугарија била помошник на фашистите, Заев сепак порачува дека ние како држава не сме можеле да им ставаме таква етикета“, цитира „Труд“ дел од текстот.
Како што посочи „Фактор“, повеќе медиуми во соседна Бугарија воопшто не се воздржаа со победоносен призвук да ја пренесат изјавата.
„Во европските земји фашизмот нема етничка боја, нема национална боја. Фашистичкиот окупатор има поставеност во делови на структури, групи, или би го нарекол, одредени лидерства во целиот овој период. Ние имавме соработници на фашизмот и овде во Македонија целиот тој период. Не може да кажете дека цела една нација била фашистичка. Не можете да кажете и за нас дека сме биле сите со партизаните, бидејќи имало и некои кои биле соработници на фашистичкиот окупатр во Втората светска војна“, изјави Заев.
Сепак, според него, бришењето на „бугарски“ пред „фашистички окупатор“ нема да биде пречка децата децата апсолутно да учат дека Бугарија била една од земјите која се приклучила на Третиот Рајх.
„Но, не можете да ги осудите и децата на тогашните генерации и сите од таа генерација дека биле фашисти“, додаде Заев.