Бугарски медиуми: Со францускиот предлог, ЕУ станува гарант за исполнувањето на бугарските барања кон Скопје

Француското претседателство со Европската унија е подготвено да ги вклучи бугарските барања во преговарачката рамка за земјава и ЕУ да стане гарант за нивното исполнување. Францускиот предлог, за кој небаре сите тврдат дека досега не го виделе „црно на бело“, Франција ќе го испрати до Бугарија и останатите ЕУ-членки, а се очекува тие да ја одобрат таквата преговарачка рамка и покрај резервите дека со тоа се внесуваат билатерални прашања на европско ниво, а со цел придвижување на Западен Балкан кон ЕУ, изјавиле дипломати за бугарскиот портал „Медијапул“.

Ваквата преговарачка рамка, пишува порталот, била потврдена во рамки на последните дипломатски средби на комесарот за европроширување Оливер Вархеји и претставници на француското претседателство во Софија. Проектот на новата рамка треба да биде добиен во бугарското МНР, кое го води министерката во оставка Теодора Генчовска од „Има таков народ“ на Слави Трифонов. Ден порано, Министерскиот совет на Бугарија реши парламентот да ги решава сите прашања на темата Северна Македонија, вклучително и дали да биде повлечено или да остане ветото за почеток на преговорите на земјава со ЕУ, потсетува „Медијапул“.

Бугарија со години настојува ЕУ да стане гарант за исполнувањето на нејзините барања, но досега не наидуваше на разбирање од европските партнери. Сега, тоа е променето, додава порталот.

- Реклама -