Бугарија, Полска и Словачка ѝ „донираат“ 70 руски авиони на Украина за да изведува борбени задачи од полска територија

Украински пилоти вчера пристигнале во Полска за да ја преземат првата тура од борбените авиони од руско производство донирани од европски земји, објави Politico, повикувајќи се на висок официјален извор од украинската влада.

Авионите ќе бидат користени против руските сили за да ѝ се помогне на Украина да воспостави контрола врз својот воздушен простор. Тоа што авионите се од руско производство е важно затоа што и украинските воено-воздухопловни сили користат такви, што значи дека пилотите знаат да ракуваат со нив и нема да им треба многу обука.

Како што посочува Politico, оваа донација е досега најзначајниот момент во бранот странска воена помош за Украина, која вклучува илјадници анти-тенковски проектили, пушкомитралези, артилерија и друга воена опрема.

Донацијата од борбени авиони високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел ја најави викендов, а вчера беше потврдена и на Твитер профилот на украинскиот парламент. Денес, во раните утрински часови, за „помошта од партнерите“ информираше и украинската морнарица на својот Фејсбук профил, со порака дека „духот од Киев“ ќе се намножи со нови 70 авиони.

Како што се наведува во објавата, авионите ќе ги дадат следниве земји:

• Бугарија донира 16 авиони Миг-29
• Бугарија, исто така, донира и 14 авиони Су-25
• Полска донира 25 авиони Миг-29
• Словачка донира 12 авиони Миг-29

Авионите, доколку тоа е неопходно, како база ќе ги користат полските аеродроми, од каде украинските пилоти ќе изведуваат борбени задачи, се наведува, исто така, во објавата на украинската морнарица. Тезата е дека додека се на територија на НАТО (ака. Полска), Русија не би се дрзнала да ги нападне.

Прочитајте и:  Економист: Украина се соочува со економска катастрофа

Тоа го посочи вчера бугарски „Дневник“, кој објави дека е можно Бугарија да ѝ даде авиони на Украина. „Дневник“ посочи и дека истите би биле всушност „купени“ со специјалните средства што ги одобри ЕУ.

Интересно е што бугарскиот премиер Кирил Петков категорично ја демантираше информацијата, подвлекувајќи дека би било „апсурд“.

„И без тоа ни фалат авиони, не можеме никому да даваме авиони. Имаме мал број функционални авиони, имаме проблем со набавката на делови. Ќе биде тотален апсурд да ги дадеме во овој момент“, изјави Петков, откако тоа го демантираше и вицепремиерката за економија и индустрија – Корнелија Нинова.

Сепак, иако два дена беше најавувана, Петков не откри што точно ќе вклучува воено-логистичката помош. Единствено што сподели е дека тоа ќе биде координирано со ЕУ и НАТО како „заедничка помош“.

Утрово, информацијата ја објави и руската новинска агенција ТАСС, со наслов „Три НАТО земји ќе ѝ предадат 70 борбени авиони на Украина“. Во текстот е наведен и делот дека авионите ќе изведуваат борбени задачи од територијата на Полска.

Принтскрин од Фејсбук профилот на украинската морнарица
- Реклама -