„По повод објавите во медиумите за запаленото бугарско знаме во селото Вевчани во Република Северна Македонија, му наредив на бугарскиот амбасадор во Скопје Ангел Ангелов да ѝ ја изрази на владата на РСМ нашата силна огорченост од ваквиот вандалски чин“, соопшти министерката за надворешни работи на Бугарија – Екатерина Захариева, синоќа на Фејсбук.
Таа информираше и дека бугарскиот амбасадор во земјава – Ангел Ангелов, веќе упатил остар вебрален демарш до нашето Министерство за надворешни работи.
Од македонското МНР денеска силно го осудија палењето на знамето на нашиот источен сосед на карневалот во Вевчани:
„Вековна традиција не смее да биде загрозена преку активности со кои се омаловажуваат или навредуваат народи, држави, особено нашите соседи. Го осудуваме палењето на знамето на Република Бугарија на Карневалот во Вевчани, чин кој не само што го нарушува реномето на Карневалот, туку и нанесува штета на угледот на Република Северна Македонија“, порачаа од министерството.
Со осуда денеска настапи и шефот на државата – претседателот Стево Пендаровски. Како што посочи, палењето на знамето на Република Бугарија за време на карневалот во Вевчани е недопустливо и за осуда. „Меѓу соседите е неопходно градење на доверба, разбирање и почитување“, порача претседателот.