Бучковски и Борисов од Софија: Историјата да ја оставиме на историчарите (+ ВИДЕО од целиот разговор)

Со европското, бугарското и македонското знаме во позадина, стратешки поставени така што бугарското да се „испречува“ меѓу европското и македонското, кое пак е поставено малку понастрана од првите две… и со две удобни фотелји свртени повеќе кон камерите пред нив отколку една кон друга – во едната Борисов, седнат прилично исправен, повремено погледнувајќи кон Бучковски, а во другата – Бучковски, целиот навален налево, без да го тргне погледот и целосно претворен во уши за да ја чуе пораката што Борисов му порача „многу внимателно да ја пренесе на пријателите од Северна Македонија“, започна средбата на бугарскиот премиер и специјалниот претставник за Бугарија на македонската влада, денеска во Софија.

Борисов, со прилично строг тон низ целиот разговор, кој самиот го објави на Фејсбук (иако се забележуваат моменти кога разговорот е исечен), му порача на Бучковски дека европските вредности се општоприфатени во Бугарија и токму затоа оваа наша соседна земја ја вратила на маса темата за интеграцијата на Западниот Балкан во ЕУ. Договорот за добрососедство, „потпишан со многу напор“, го овозможи почетокот на таа кампања, која доведе и до првата средба на Зоран Заев и Алексис Ципрас, посочи Борисов.

До тој момент, истакна тој, Бугарија правеше сѐ што е потребно за сите земји од таканаречениот Западен Балкан да станат дел од ЕУ. Во последната година, меѓутоа, било поради изборите во Северна Македонија, внатрешните проблеми во Бугарија и целата криза со коронавирусот, која се одрази и на личните контакти меѓу двете држави, се случи она поради што сегашните и идните поколенија нема да ни простат, оцени бугарскиот премиер, по што следуваше прилично различна изјава од оние кои сме навикнати да ги слушаме од останатите бугарски претставници – дека историјата треба да им се остави на историчарите:

„Зашто, што е најважно? Да им дадеме перспектива на следните генерации, или да сме заробени во минатото? Да, знам дека историјата е многу важна; таа е многу важна и затоа ние ја одделивме во Комисијата за историјата меѓу историчарите на Северна Македонија и Бугарија, да најдат балансирано решение“, рече Борисов.

Според него, Бугарија не се меша во сувереноста на Македонија:

„Северна Македонија е суверена држава. Северна Македонија може сама да решава на каков јазик сака да зборува. Ние во Бугарија сме решиле да зборуваме на бугарски и зборуваме на бугарски. Северна Македонија можете да решите како сакате да зборувате. И никој не може да ви наложи. И никогаш не сме се обиделе да налагаме што и да е на темата, посебно јас, да не излезе дека има некој историчар или колега кој тоа го правел“, рече бугарскиот премиер, по што повтори дека идните генерации нема да простат што сега не се нашол компромис:

„За пред 40, 50 или 100 години, ќе се најде решение за историјата. Но денешната историја нема како да ја пренапишеме. Затоа што денешната историја за тоа дека ние не најдовме политичка волја, толерантност, разбирање“.

Борисов потенцираше дека има две теми што го загрижуваат бугарското општество: 1. суверенитетот и територијалната целост на Бугарија (за кои рече дека нема политичар во Бугарија кој би се согласил да бидат коментирани), и 2. малцинство. И двете теми се појавија и завртија низ Европа и го исплашија, вознемирија, напрегнаа бугарското општество, дека порано или подоцна кон Бугарија ќе има претензии, истакна тој.

Прочитајте и:  Муртезани: Уставните измени секако ќе се случат, но на еден инклузивен процес со широк консензус

Признавајќи дека во разговорите со претседателот Пендаровски и со премиерот Заев таквите теми никогаш не биле спомнати, Борисов додаде:

„Точно е дека со влезот во ЕУ границите, движењето на луѓето, каде живеат или каков јазик зборуваат, на некој начин веќе и нема значење, кога сте во ЕУ. Но се надевам гледаш колку многу енергија ние трошиме на нешта кои, ако вие сте добронамерни, не би требало да бидат тема – ниту за суверенитетот, ниту за малцинство“.

Тие две постојани теми, заедно со „претензиите кон историјата“, го загрижуваат бугарското општество – рече Борисов, додавајќи, уште еднаш, дека историјата треба да им се остави на историчарите, а дека моментот треба да се искористи за да се најде компромис за политичките прашања:

„Оставете ги историчарите, пак повторувам, нека работат. Имаме неколку години да ги најдат правите решенија. Пак велам, тоа е важно, но најважно е што сегашните и идните генерации нема да ни простат ако го пропуштиме овој момент. Затоа јас настојувам за анекс кон Договорот за добрососедство“, рече Борисов.

Тој ги адресираше и критиките од македонска страна дека Бугарија го прекршила Договорот. Побара од македонските власти конкретно да посочат како и кој од бугарска страна не го исполнува договореното:

„Дајте ни го (приговорот), дајте да го ревизираме ние. Ние сме европска држава која стриктно ги почитува договорите. Ние немаме барања ниту проблеми со исполнувањето на договорот. Затоа, ако имате вашите приговори дајте ги додека сте тука“, заврши Борисов.

Бучковски, со нешто поблаг, но сигурен тон, започна така што се заблагодари за гостопримството и му пренесе поздрав од премиерот Заев и претседателот Пендаровски. Тој посочи дека изјавите на кои се пожали Борисов (како онаа на Пендаровски кој рече дека според анкетите во Бугарија, на Борисов и Каракачанов им се исплати „јуначењето“ кон Македонија), се извадени од контекст и дека сите политичари од македонска страна искрено ги ценат напорите и направеното за земјава од страна на Борисов и Бугарија.

Потоа Бучковски премина на она што, како што рече, на бугарската страна ѝ „создава погрешна перцепција“, категорично посочувајќи дека скратеното име на државава („Северна Македонија“ наместо „Република Северна Македонија“) не значи територијални претензии кон Бугарија. Како потврда за ова, Бучковски му соопшти дека на Борисов му носи нон-пејпер кој ќе му го предаде на крајот на состанокот. И во однос на немешањето во внатрешните работи на Бугарија (прашањето за македонско малцинство) Бучковски посочи дека тоа е дел од Договорот за добрососедство и македонската страна сериозно тоа ќе го почитува.

Понатаму Бучковски го пофали Борисов за искрените зборови, внимателниот пристап и умерениот речник, оценувајќи дека со тоа бугарскиот премиер го направил првиот чекор за враќање на довербата меѓу двете држави. Дури и му посочи, малку и иронично, дека, според кажаното, можат уште веднаш да го викнат премиерот Заев и веднаш да потпишат решение.

Борисов тогаш се пожали на „антибугарските изјави“ и „говорот на омраза“ во медиумите во Македонија, а Бучковски се согласи дека тоа треба да запре.

На крајот, специјалниот претставник на Владата за Бугарија порача дека од зборови треба да се премине на дела, а поаѓајќи од личниот впечаток од средбата, оцени дека неговата мисија како специјален пратеник била успешна.

- Реклама -