Брза помош на желбите

Пред неколку месеци 78-годишна жена пред умирање посака да ја види за последен пат изложбата  на Рембрант во Амстердам. Тоа се оствари благодарение на невладината холандска организација Stichting Ambulance Wens (Фондацијата “Брза помош на желбите”). Фондацијата е основана во 2007 година од страна на Кеес Велдбoeр, кој е поранешен возач на брза помош. Досега ја исполниле последната желба на околу 7.000 луѓе кои ја чекале смртта.

618x346

„Со текот на времето сфатив дека на прагот на смртта луѓето сонуваат за обични нешта”, вели Кеес. Во ноември 2006 година тој тргнува да го пренесе смртно болниот Марио Стефану од една болница во друга. Откако го става пациентот на носилка, Кеес сфаќа дека болницата уште не е подготвена. Марио, пак, нема никаква желба да се врати во старата болница и истиот кревет каде ги поминал последните три месеци. Велдбoeр го прашува дали има место каде што би сакал да отиде. Пензионираниот морнар веднаш му вели дека му се оди до каналот, за да ја види водата и да се збогува со пристаништето Ротердам. Денот бил сончев и двајцата стоеле на кејот околу еден час.

„Солзи од радост се тркалаа по неговото лице”, се сеќава Кеес.

Марио имал и друга желба – да плови за последен пат, но носилката не дозволила тоа да се обистини. Тогаш Кеес одлучил дека ќе направи се што е можно за да му помогне. Зел брза  помош, неколку колеги и договорил фирма која организира тури со брод во Ротердам. Иако лежел на креветот, Марио бил качен на брод и запловил за последен пат. Недели пред да почине, мажот пишува дека “малите гестови имаат огромен ефект” и се радува што има луѓе кои се грижат за другите. Кеес и жена му Инеке која е медицинска сестра, одлучуваат да ја основаат фондација “Брза помош на желбите”. Осум години подоцна тие веќе имаат 230 доброволци, 6 амбулантни возила и 7000 исполнети желби. Организацијата им помага во просек на 4 луѓе дневно.

618x346 (1)

Најстариот пациент имал 101 година. Жената сакала да јава коњ за последен пат. Со помош на камион била подигната до висината на животното. Бабата била толку среќна што ги поздравувала сите како кралица.

618x346 (2)

И други организации нудат дневни програми за смртно болни луѓе, но оваа на Кеес и Инеке располага со амбулантни возила и медицинска опрема. Со нив секогаш има медицинско лице, а возачите се поранешни полицајци и пожарникари. Специјално изградените амбулантни нудат поглед, а секој пациент добива мече по име Марио – крстено по морнарот.

„За волонтерите е огромно задоволство да гледаат како луѓето се забавуваат”, вели Роел Фопен, кој е поранешно воено лице и работи како возач за фондацијата. Во последните 6 години помогна за остварување на 300 желби. Еднаш тргнал на патување дури до Романија. Причината била пациентка по име Надја, која живеела во Холандија од 12 години, но сакала да умре во својата родна земја. Жената починала 2 недели откако стигнала до Романија.

Кнот, која работи како медицинска сестра, вели дека за неа е чест да биде дел од овие специјални моменти.

 „Секој пат е посебен. Имаше една дама која само сакаше чаша ликер. Луѓето ме прашуваат дали е исцрпувачки, не е ли премногу емотивно да се занимаваш со последните желби на луѓето. Да, така е”, признава Кнот, но дополнува дека е незаменливо да видиш искра живот во очите на човек кој умира.

618x346 (3)

Меѓу желбите на пациентите има средби со колеги, присуство на свадби или погреби на луѓе. Многумина сакаат да го видат морето за последен пат, а 15 отсто ја избираат зоолошката градина.

54-годишен маж по име Марио побарал да се збогува со колегите по 25-годишна служба во зоолошката градина. Кога од “Брза помош на желбите” го одвеле таму жирафата дошла и го лизнала Марио по лицето. Мажот бил премногу болен за да каже нешто, но очите му светнале.

618x346 (4)

„Научив дека можеш да ја најдеш среќата во малите нешта и токму кон нив треба да се стремиш, наместо да жалиш за она што не можеш да го имаш”, вели 25-годишната медицинска сестра Миријам.

Постара дама побарала да оди на свадбата на својот внук. Од болницата и рекле “не”, но таа била премногу упорна. На помош дошла “Брза помош на желбите”. На враќање од прославата жената рекла: “Не знаете колку важно беше тоа за мене”. Починала истата ноќ.

Дури шестмина од вкупно 7.000 луѓе умреле за време или пред спроведувањето на нивната последна желба. Кај сите случаи сепак блиските и биле благодарни на Фондацијата за направениот обид.

618x346 (5)

Поради успехот на “Брза помош на желбите”, Кеес помогна за понудата на слична услуга и во Израел, Белгија, Германија и Шведска.

„Претходно сметав дека не поседувам кој знае што. Сфатив дека ако се прават работите од срце, луѓето ќе те поддржуваат. Јас сум обичен Холанѓанец, кој го прави она што го сака – да им помага на другите “, вели Кеес.

618x346 (6)

- Реклама -