Брнабиќ во Брисел: Да за декларацијата на ЕУ, но не и за санкции кон Русија

Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ денеска во Брисел изјави дека Србија за вредноста на Европската унија целосно се согласила со декларацијата на ЕУ, но дека не може да воведе санкции кон Русија поради војната во Украина, јави дописникот на МИА од Белград.

Таа изјави дека Србија не може да воведе санкции кон Русија бидејќи, како што рече, тоа не го сакаат нејзините граѓани кои ги имаат почувствувано ефектите од санкциите во 90-тите години.

-Сметаме дека санкциите секогаш предизвикуваат најголема штета на оние кои се најранливи во општеството, рече Брнабиќ.

Во пресрет на самитот Европска Унија – Западен Балкан во Брисел, таа пред новинарите изјави дека очекува добри резултати и дискусии во однос на новиот план за раст на ЕУ за Западен Балкан.

-Што е можност да се добијат средства од околу шест милијарди евра. Се разбира, средствата секогаш се условени со некои реформи, но ние не бегаме од реформи, рече таа.

Прочитајте и:  Путин: Русија истрела балистичка ракета со среден дострел кон Украина

Брнабиќ претходно во текот на денот разговараше со унгарскиот премиер Виктор Орбан и европскиот комесар за проширување Оливер Вархеји.

Лидерите на земјите-членки на ЕУ денеска се среќаваат со нивните колеги од регионот, на редовниот годишен самит ЕУ-Западен Балкан.

Србија не потврди дали ќе се усогласи со декларацијата од самитот на Европската Унија и Западен Балкан, потврдија за Радио Слободна Европа (РСЕ) дипломатски извори во Брисел.

Овие извори за РСЕ кажаа дека продолжуваат напорите со Србија за постигнување договор, иако исходот останува неизвесен.

Повеќе извори потврдија дека сите други земји од регионот, освен Србија, веќе потврдиле дека ќе се усогласат со конечната декларација.

Конечната декларација која ја усвојуваат 27 шефови на држави и влади на ЕУ ќе ги повика сите земји од Западен Балкан да воведат санкции кон Русија и да работат на спречување на заобиколување на рестриктивните мерки што Брисел ги воведе против Москва како одговор на агресијата врз Украина.

МИА

- Реклама -