Мено Менезес повеќе не е селектор на Бразил откако на овој стратег му беше врачен отказ од функцијата поради слабите резултати што ги бележеше на големите натпреварувања.
Бразилците разочараа на Копа Америка 2011, но како главна причина за отказот се наведува поразот во финалето од Олимписките Игри во Лондон, натпреварување на кое што „Кариоките“ важеа за апсолутни фаворити за златото, но сепак загубија од Мексико.
Во прв момент челниците на Бразилската Фудбалска Асоцијација се решија да му дадат поддршка на Менезес, но потоа се премислија и на овој стручњак му беше врачен отказ.
„Причина не се само поразите, туку целокупното функционирање на репрезентацијата. За две години ќе бидеме домаќини на мундијалот и сакаме работите да се поставени така за да атакуваме на првото место. Името на новиот селектор ќе биде обелоденето во јануари“ соопшти Андрес Санчез, директорот на репрезентацијата.
Поранешниот бразилски селектор Луис Фелипе Сколари важи за главен фаворит во оваа трка, а дел од медиумите најавуваат дека „Кариоките“ ќе испратат понуда и до Пеп Гвардиола.