На денешниот министерски совет за надворешни работи на ЕУ, министрите разговараа за Западен Балкан и Србија и Косово, каде работите можат да станат „многу опасни“.
Ова го изјави попладнево високиот претставник за надворешни работи на ЕУ, Жозеп Борел, на прес-конференцијата по министерскиот совет на ЕУ.
Борел, кој на крајот на минатата недела се сретна со косовскиот премиер Албин Курти и српскиот претседател Александар Вучиќ во Париз, за овие средби денеска ги информираше 27-те министри за надворешни работи на ЕУ.
„Потребно е да се намалат тензиите меѓу косовската и српската страна. Овие тензии постигнуваат многу опасно ниво. Се соочуваме со најопасната криза од 2013 и двете страни мораат веднаш да покажат итно подготвеност да ги смират тензиите“, изјави Борел.
Тој се осврна на напуштањето на полициските и судските институции од страна на српската заедница на северот на Косово.
„Ова создаде вакуум на северот на Косово, овој вакуум е најлошото нешто што може да се случи. Двете страни мораат да покажат флексибилност, потребен ни е јасен напредок“, рече Борел, повикувајќи го Косово да покаже флексибилност за регистарските таблици и за етаблирањето на Заедницата на српски општини.
Шефот на ЕУ дипломатијата најави дека уште вечерва почнуваат нови консултации со двете страни во дијалогот Белград-Приштина. Косовските претставници од преговарачкиот тим пристигнуваат вечерва, рече тој.
Целта е дека се постигне излез од ќор сокакот пред 26 ноември, што е рокот за регистарските таблици за српската заедница на Косово. Борел додаде дека е подготвен за лидерска среда со Курти и Вучиќ пред 26 ноември за изнаоѓање практично решение.
МИА