Борел: ЕУ ќе продолжи да ѝ испорачува оружје на Украина и да настојува да ја ослабне руската економија

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност – Жосеп Борел, вели дека не ги разбира противниците на испораката на оружје за Украина и праша дали овие критичари би преферирале да ги видат Украинците „да клечат пред Русите“.

Во интервју за „Франкфуртер алгемајне цајтунг (ФАЦ)“, Борел нагласи дека не ги разбира критиките против испораката на оружје со аргумент дека тоа ќе ја продолжи војната.

„Ги прашувам тие луѓе: ‘Дали ви е важно како ќе заврши војната?’ Дали Украинците треба да клечат пред Русите?“, праша Борел.

Тој најави дека ЕУ ќе продолжи да испорачува оружје на Украина и дека ќе настојува да ја ослабне руската економија и да ја зголеми меѓународната изолација на Москва.

„Но, ние не сакаме да се бориме против Русија“, рече Борел, додавајќи дека секоја војна завршува со преговори. „Треба да дојдеме на преговарачка маса од позиција на сила и сега е важно да ги доведеме Украинците на таа позиција“, истакна тој.

Слично и претходно, во интервју за „Еуроњуз“, високиот европски претставник појасни дека ЕУ не се бори против Русија, туку ја брани Украина. Тој рече дека не му се допаѓа приказната за „Запад против Русија“ или „Запад против *други*“.

„Ова е прашање на Повелбата на Обединетите нации. Се работи за суверенитетот на државите и почитувањето на границите и некористењето на сила против нивните соседи. Ние не се бориме против Русија, ние ја браниме Украина. А одбраната на Украина значи одбрана на меѓународниот поредок заснован на правила. Во спротивно, ќе дојде законот на џунглата“, подвлече Борел.

Во однос на можното воведување ембарго за увоз на рускиот гас, за „ФАЦ“ тој посочи дека тоа е стратешки производ и дека гасот не е само извор на енергија, туку и суровина за петрохемиската индустрија, каде што е незаменлив. Важно да се најдат нови добавувачи, заклучи Борел, додавајќи дека немањето терминал за прием на течен гас било грешка што треба да се препознае и да се исправи.

Прочитајте и:  Истражување: Германците не сакаат Германија да ја преземе лидерската улога ако САД се повлечат од помошта за Украина

За ембаргото Борел зборуваше и во интервјуто за „Еуроњуз“, каде потенцираше дека ова е момент во кој ЕУ е важен геополитички актер и носи важни воени и енергетски одлуки. Војната во Украина ја покажа зависноста на Европа од руската енергија, а Европа ќе мора да ја плати цената ако сака успешно да ги брани своите вредности и слободи, порача Борел.

„Мораме да сфатиме дека одбраната на слободата и борбата против војната во Украина ќе имаат цена. Политичарите треба да имаат поголема храброст да им објаснат на луѓето дека овој трошок мора да се прифати, бидејќи во спротивно цената ќе биде многу повисока“, рече тој.

Според него, ЕУ сега се движи кон „ослободување“ од зависноста од руската енергија, а без војната тоа не би било случај.

„Ние би работеле како и обично. Без оваа војна, не бевме свесни дека Европа е во опасност. И ако сме во опасност, тогаш треба да се соочиме со тоа“, рече Борел.

Сепак, тој потенцираше дека постојат и други начини на кои европските земји може да ѝ наштетат на руската економија.

„Сите зборуваат за забрана за увоз на нафта, но има и други начини да му се зададат проблеми на Путин. Тие се поврзани со осигурувањето. Доколку одлучиме дека нашите осигурителни компании нема да го осигураат транспортот на руската нафта, тоа ќе биде голема пречка за Русите да ја транспортираат нивната нафта, не само во Европа, туку и во остатокот од светот“, рече високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност.

Извор: МИА

- Реклама -