Борел: Договорот во Охрид не беше потпишан од правни причини, но е правно обврзувачки

Високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ – Жозеп Борел, денеска изјави дека договорот меѓу Србија и Косово, постигнат на средбата во Охрид, станал правно обврзувачки во моментот кога Европската унија излезе со соопштение.

„Договорот не беше потпишан од правни причини, но двете страни се согласија дека мојата изјава (по состанокот во Охрид) претставува заложба за двете страни целосно да се посветат на обврските што произлегуваат од овој договор и неговата имплементација“, рече Борел по средбата на министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ.

Тој додаде дека ова е важна пресвртница во процесот на нормализација на односите, што создава „нов статус кво во дијалогот“, пренесува Радио Слободна Европа.

Борел денеска ги информираше шефовите на европските дипломатии за исходот од средбата меѓу лидерите на Косово и Србија, Албин Курти и Александар Вучиќ во Охрид на 18 март.

Тој нагласи дека ЕУ ќе го следи процесот на имплементација на сѐ што е договорено и додаде дека има итни работи кои мора веднаш да се спроведат, како што е формирањето на Заедницата на општини со српско мнозинство во Косово.

Прочитајте и:  Мицкоски за барањето на Ахмети: Косово да интервенира кај уставните судии кои ДУИ и СДСМ ги избраа? Шокантно

„Договорот мора да се спроведе според одреден календар. Овој календар бара секоја страна да го направи својот дел. Не треба да градиме куќа од покривот, туку од итните работи. Има работи кои се многу итни“, рече Борел.

Во Анексот (за имплементација), јасно е наведено дека Косово веднаш ќе се ангажира за формирањето на Заедницата на Косово, потенцираше Борел.

Шефот на европската дипломатија не сакаше да ги коментира изјавите на српскиот претседател Александар Вучиќ, кој ден по средбата во Охрид изјави дека нема да спроведе делови од договорот поврзани со членството на Косово во Обединетите нации.

Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, во Брисел повтори дека неговата земја ќе ги спроведува само оние делови од договорот што не допираат до државните црвени линии, односно меѓусебно признавање и столче во ОН за Косово.

Србија и Косово на средбата во Охрид го договорија Анексот за имплементација на Спогодбата за патот кон нормализација на односите меѓу Косово и Србија.

Беше договорено и овие документи да станат составен дел на процесот за приклучување на Србија и Косово во Европската Унија.

МИА

- Реклама -