Богомилство – првата Ренесанса (втор дел)

stolac-bosna-intro2Во првиот дел ви кажавме нешто за корените и историјатот на богомилското движење, како и за неговото влијание во македонската традиција. Во продолжение ќе ви наведеме неколку податоци што ќе ви помогнат да создадете претстава за суштината на нивното учење.


stec1Во првиот дел ви кажавме нешто за корените и историјатот на богомилското движење, како и за неговото влијание во македонската традиција. Во продолжение ќе ви наведеме неколку податоци што ќе ви помогнат да создадете претстава за суштината на нивното учење.

Богомилството било првото масовно движење, кое директно се спротивставило на Црквата како врховен авторитет во духовниот живот. Всушност, богомилите воопшто немале официјална црква, ниту свештенство, па затоа излегувале од вообичаената шема на еретички учења. Прогонот на богомилите почнал уште на самиот почеток на нивното делување, од страна на византиските авторитети, а достигнал кулминација во Четвртата крстоносна војна, насочена против еретиците во Јужна Франција.

Според богомилите, хармоничен соживот и општа благосостојба може да се достигне во овоземскиот живот, во праведна општествена организација. Тие се залагале за активизам, а не ја признавале ниту тогашната световна власт, која според нив не се засновала на праведни принципи и не подразбирала еднаквост за сите. Бидејќи не признавале никаква предодредена хиерархија, би можело да се каже дека богомилите биле првите комунисти, односно, првите анархисти.

Богомилите учеле на толеранција, разбирање и еднаквост на сите луѓе. Најголемата доблест што човек може да ја поседува според богомилите била трпението. Тоа подразбира мирен дух, отпорност на искушенија и одмереност.

Во богомилските заедници мажите и жените имале еднакви права и статус. Жените можеле да ги извршуваат сите функции во општеството, вклучувајќи ја и свештеничката. Се разбира, бидејќи кај богомилите немало строго определена црковна хиерархија, под свештеник се подразбирало човек кој го шири знаењето со збор и во дело.

Богомилите учеле на ненасилство. За нив пролевањето крв било најголем грев. Тие не убивале ниту животни. Така, за време на крстоносниот поход против катарите и албигојците во Каркасон, Јужна Франција, католичката инквизиција го злоупотребила овој податок во својата кампања на гонење и убивање еретици. Имено, богомилите воопшто не го сметале формалното изјаснување на припадност за важно, па ги поттикнувале своите припадници да лажат за нивната вероисповед, ако нивниот живот или животот на некој друг зависи од тоа. Кога инквизицијата го освоила Каркасон, стотици од нив се изјасниле како католици. Но, како доказ за тоа инквизицијата побарала од секој поединечно да заколе куче. Згрозени од идејата да одземат туѓ живот, повеќето од нив одбрале доброволна смрт. Во истата војна против еретиците, кога заповедникот на освојувачите, Arnaud бил запрашан за тоа како да се разликуваат катарите од католиците, тој одговорил: „Caedite eos. Novit enim Dominus qui sunt eius.“ (Убијте ги сите, Бог ќе ги познае своите.)

Богомилите се нарекувале себе „христијани“ или едноставно „добри луѓе“. Тие учеле дека вистински христијанин се станува само во срцето, а не преку ритуали и формална припадност кон црквата.

Љубовта ја сметале за врвен принцип преку кој човек може да се продухови и да се оствари во потполност. Тие не го гледале телото како грешно, ниту пак физичката љубов и репродукцијата. За нив животот бил божји дар, кој треба со мудрост да се искористи.
Богомилското влијание во европската хуманистичка преродба е несомнено. Тие први го воздигнале човекот до ниво на нешто свето врз кое треба да се сконцентрира сета духовна и креативна енергија. Ако се запрашате што се случило со богомилството по последните прогони, ќе наидете на мистериозност и недостаток на факти. Мое мислење е дека со хуманистичката преродба во Ренесансата и постојаниот напредок оттогаш наваму, богомилството успеало и со тоа престанала потребата од негово постоење.

Денеска, ние (за жал не и сите луѓе на земјата) живееме во општества кои со закони ги гарантираат нашите лични слободи, ја подразбираат еднаквоста на сите граѓани, постои световен суд, не е дозволена полна, расна или било каква друга дискриминација и уште ред други нешта. Фактот што едно такво движење се родило во Македонија и оттука го раширило добриот збор низ Европа треба да ни претставува гордост, но и потсетување за тоа колку овие придобивки се свети и колку треба со внимателност да ги чуваме и да ги негуваме.

- Реклама -