Се очекува овој модел да се појави во 2015 година, а според најавите ќе добие поголема внатрешност од сегашните верзии на „единицата“ – хечбек и купе. Најважно е што седанот ќе биде надграден на сосема нова платформа на баварскиот производител.
Големите фанови на BMW едноставно требаше да се прилагодат на многу нови работи во последните години. Голем број модели на марката добија турбо-мотори и систем за погон на сите тркала. Се појавија дизел М-верзии, кросовери и Sport Activity Coupe.
Сега ги очекува уште еден предизвик за лојалноста кон брендот, седан верзија врз Series 1, кој најверојатно ќе биде со преден погон.
Се претпоставува дека новата модификација на Series 1 ќе наликува многу на сегашната Series 3 седан, но се разбира во помали димензии. Моделот ќе може да смета на бензински и дизел трицилиндерски агрегати со зафатнина од 1,5 и 1,6 литри, чија моќ ќе биде помеѓу 95 и 150 КС.
Задачата на седанот е да и конкурира на пазарот на Mercedes CLA и лимузинската верзија на Audi A3. Благодарение на новата платформа и мотори новата модификација на BMW Series 1 ќе биде околу 4.000 евра поевтина од седанот на „тројката“.