Блерим Рамадани слободно шетал преку граница, структури од МВР и институциите со државно возило го однеле во Косово – обвинува СДСМ

Пратеникот од СДСМ, Митко Трајчулески денеска на прес-конференција обвини дека бегството на Блерим Рамадани е организирано од структури на МВР и вработени во институциите и ги повика Владата и МВР да објават кој го организирал и овозможил бегството. Трајчулески рече дека доколку Владата и МВР во следните 24 часа не се одважат јавно да ја соопштат вистината за целата организација на бегството на Рамадани дека СДСМ ќе ги објави сите информации од свиркачите што ги добиле.

– По сите информации кои ги имаме јасно е дека Владата и МВР точно знаат што се случило и молчат. Денеска го прашуваме Тошковски, ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН, и им даваме можност сами да излезат во јавноста со фактите, а потоа да започне процес на истрага и оставки од сите вклучени во скандалот со бегството на Блерим Рамадани, изјави Трајчулески.

Бара властите да одговорат дали е точно дека Рамадани на 10 и 14 август слободно ја минал границата со Косово.

–  Дали е точно дека на 10 август околу 18 часот и 40 минути, Рамадани со возило, без да биде застанато на границата, бил однесен на Косово и доцна вечерта вратен во куќниот притвор во Македонија? Потсетуваме дека ги имаме деталите и секоја лага на Владата и институциите во однос на ова е кривично дело. Понатаму, прашуваме, дали е точно дека на 14 август, односно дента кога е избеган Рамадани, тој ја напуштил државата на ист начин со службено возило на државна институција, управувано од човек вработен во институциите, а повторно пропуштен на граничниот премин без никаква контрола, рече Трајчулески.

Прочитајте и:  МВР набави нова машина за печатење лични документи која тројно ќе го зголеми капацитетот

Според Трајчулески, МВР треба да одговори дали станува збор за, како што вели „партиско полициска организирана шема“ и „организирано пуштање на затвореникот во Косово во кое учествувале македонските институции“.

-Го прашуваме Тошковски, дали е можно човек баран со меѓународна потерница буквално да се шетал преку границата два пати додека де факто е во притвор кој треба да го обезбедува МВР? Која е улогата на МВР во овозможување на прошетките на Рамадани и негово конечно напуштање непречено на државата, изјави Трајчулески.

Блерим Рамадани, врз основа на меѓународната потерница издадена до Интерпол од Србија, беше уапсен на 17 јули годинава на граничниот премин Јажинце и однесен на 30 дена екстрадиционен притвор во затворот во Шутка. Содржината на налогот за апсење се заснова на сомневањата на Србија дека Рамадани, како поранешен војник на ОВК, извршил воени злосторства во регионот на Неродиме.

На 1 август, мерката на Рамадани од надлежен македонски суд му беше преиначена од „притвор“ во „куќен притвор“ и тој, според решението, беше упатен на адреса во Скопје. Со оваа одлука се предвидуваше тој да остане во „куќен притвор“ до 16 август.

- Реклама -