Битиќи: 7-часовен работен ден во најмалку три сектори и минимална плата од 600 а просечна од 1.100 евра ќе станат реалност

Воведувањето 7-часовен работен ден во најмалку три сектори од 1 јануари 2025 година и минимална плата од 600, а просечна од 1.100 евра до крајот на наредниот мандат на СДСМ е реалност, смета потпретседателот на СДСМ и вицепремиер за економски прашања Фатмир Битиќи.

– Зголемување на квалитет на живот не може да се случи ако немате храбри одлуки. Една таква одлука ние донесовме во 2020 година кога не знаевме дека ќе имаме неколку кризи пред себе. Тогаш најавивме минимална плата од 20 илјади денари, а денеска е 22.500 денари што е далеку над ветувањето, рече Битиќи во одговор на новинарско прашање по завршувањето на партиската панел дискусија „Развој преку поддршка на инвестиции“.

Експертската јавност заедно со опонентите, како што посочи, и тогаш не критикуваа како партија дека ќе колабира економијата, дека тоа не е возможно да се издржи.

– Затоа тврдиме дека до крајот на мандатот минималната плата ќе биде 600 евра, а просечната 1.100 евра и дека економијата тоа може да го поддржи затоа што правиме системски измени за сето тоа да се направи. Ме радува што и опонентите покажаа дека инфлацијата во наредните години ќе се движи од прилика два отсто. Тоа е промената на трошоците на живот. И ние тврдиме дека ќе биде по два отсто, тоа значи дека кумулативно за осум отсто ќе се зголемат трошоците на живот, а платата ќе се зголеми отприлика за над 60 до 70 отсто. Тоа е промената што сакаме да ја направиме, изјави Битиќи.

Прочитајте и:  Заев и Ципрас со заедничка колумна: Без проактивен пристап, ЕУ ризикува понатамошно распаѓање во Западен Балкан

Нагласи дека се уште не е прецизирано во кои сектори ќе се воведе 7-часовен работен ден од 1 јануари 2025 година.

-Се уште анализата не е финална во кои сектори. Тоа што го кажуваме е дека од 1 јануари 2025 најмалку во три сектори ќе го аплицираме за да видиме кои се начините на спроведување. Тоа е веќе практика насекаде низ ЕУ, но веќе е и барање од двете страни и од работниците како такво, затоа што е мерка за зголемување на продуктивност, а од друга страна е за подобрување и на животниот стандард и квалитетот на живот на сите коишто живеат во државата, рече Битиќи.

Прашан колку работни места имаат генерирани во тековниот мандат, рече дека се по 5.000 годишно само од домашните компании од приватниот сектор кои се поддржани од страна на Владата или преку 40.000 работни места во приватниот сектор за четири години со што, како што рече, вработливоста е зголемена за скоро 8 отсто. Во јавниот сектор, додаде, вкупниот број на вработени е скоро идентичен на тој што бил во 2016 година со тоа што има нови вработени затоа што одредени вработени се пензионираат, а други го напуштаат јавниот сектор.

- Реклама -