Билчик: Доаѓањето на „Раша тудеј“ во Србија – спротивно на усогласувањето на политиката со ЕУ

Известувачот на Европскиот парламент за Србија, Владимир Билчик, денеска изјави дека доаѓањето на руската државна телевизија „Раша тудеј“ во Србија е спротивно на посветеноста на Белград да ја усогласи својата надворешна политика со ЕУ, јави дописникот на МИА од Белград.

„Делата зборуваат погласно од зборовите. Враќањето на руската пропаганда на голема врата во Србија, во форма на почеток на работата на ‘Русија денес’ е спротивно на посветеноста на Србија да ја усогласи својата надворешна политика со ЕУ. Земја која е сериозен кандидат за членство во ЕУ не треба да биде центар за ширење на дезинформации од страна на Кремљ“, напиша Билчик на Твитер.

Руски „Спутник“ во неделата објави дека „Раша тудеј“ (RT) наскоро ќе почне да работи и на српски јазик, а главен уредник ќе биде Јелена Милинчиќ, ќерка на уредничката на Спутник Србија Љубинка Милинчиќ.

Во март, Советот на ЕУ одлучи да ја прекине дистрибуцијата на руските државни медиуми „Раша тудеј“ и „Спутник“ на територијата на цела ЕУ. Како што пренесоа медиумите, санкциите ги опфаќаат сите средства за пренос и дистрибуција, како кабелска, сателитска, IPTV, платформи, веб-страници и апликации, а сите релевантни лиценци, овластувања и договори за дистрибуција се суспендирани, соопшти Советот на ЕУ.

Прочитајте и:  „Фајненшл тајмс“: Русија регруирала стотици Јеменци во војната против Украина

Во Брисел оценија дека овие два медиуми се важни инструменти за „поттикнување и поддршка на руската агресија“ против Украина и дека претставуваат „значајна и директна закана за јавниот ред и безбедност на ЕУ“.

Во јули белградска „Нова.рс“ прва ја објави веста дека руската телевизија ќе отвори претставништво во Србија.

Портпаролот на ЕУ, Петер Стано, на прашањето на ТВ „Н1“ да ги коментира тие најави, тогаш потсети дека ЕУ воведе рестрикции за тие медиуми како дел од санкциите против Русија и дека Србија како земја-кандидат се очекува постепено да ја усогласува својата надворешна и безбедносна политика со ЕУ и нејзините одлуки.

„’Раша тудеј’ е дел од рускиот пропаганден и дезинформациски инструментариум со кој Кремљ ја надополнува својата нелегална агресија врз Украина и убивањето на Украинците“, рече Стано во одговорот за ТВ „Н1“.

МИА

- Реклама -