Беса не презема одговорност за знамето со „Голема Албанија“

Потпретседателот на Движење Беса, Блерим Сејдиу одржа прес-конференција со партиски став за реакциите на другите политичари по повод посетата на Албин Курти во Тетово, а одговори на новинарските прашања околу појавата на знамето со таканаречена Голема Албанија

На новинарско прашање дали за Движење Беса е прифатливо веење на знаме со карта на т.н. Голема Албанија, Сејдиу рече дека не преземаат одговорност за публиката. Од друга страна фотографија со ова знаме се најде на Фејсбук-профилот на партискиот претседател и тетовски градоначалник Биљал Касами.

– Косовскиот премиер во Тетово беше пречекан со сите државни знамиња и законските постапки, има и слики и видео и можат сите да ги видат тие слики. Тоа што се случува во публиката тоа не преземеме ние одговорности. Сите реакции на државното раководство беа за публиката, а не за пречекот на косовскиот премиер Албин Курти. Пречекан беше според сите законски постапки, рече Сејдиу.

Тој прецизираше дека Општина Тетово го поканила како премиер и поради присуство на таков висок државен функционер биле поставени знамиња пред зградата. За тоа зошто не се сретнал со претставниците на највисокото државно раководство Сејдиу рече дека Курти одлучил така.

– Посетата на Албин Курти беше како премиер и беше пречекан според законските постапки. Премиерот кажа дека како премиер ги поздравува граѓаните во Тетово. Беше во Тетово официјално пречекан според законските постапки. За тоа одлучува премиерот, со кого ќе се сретнат, не сме одговорни со кого и кога еден премиер ќе се сретне со некој друг во Македонија, рече Сејдиу.

За тоа зошто не се интонирала државната химна на Северна Македонија Сејдиу рече дека пречекот бил пред општината Тетово, а за понатаму не може да зборува.

Официјална во општина Тетово и пречекот беше многу видлив. Беше со сите државни знамиња. Јас зборувам за пречек во Тетово официјален дел, за понатаму не би зборувал тоа ќе значи нешто друго. Ние можеме да одговориме за пречекот во Тетово и може да кажеме дека беше пречекан според сите законски постапки. Не верувам дека еден премиер може да посети некого кој го нема во агенда, истакна Сејдиу.

По појавата на знамето на Голема Албанија на пречекот на Курти, СВР Тетово најави дека ќе се идентификуваат сторителите, но денес три дена по настанот нема нова информација.

– СВР Тетово во координација со ОЈО-Тетово преземаат мерки за идентификување на сторителите и целосно расчистување на случајот, соопшти СВР Тетово.

Според него, пак, „македонските државни раководители со реакциите за посетата на косовскиот премиер откриле национализам кој се криел со демократски јазик“.

– Која е вистинската причина што им пречи (на Ковачевски, Мицковски, Пендаровски и ДУИ) посетата на премиерот на Република Косово во Северна Македонија? Единствената причина за хистеричната реакција на институциите на нашата држава, со доза на етнонационализам, особено кон посетата на еден премиер на соседна држава, е неприфатлива и против соработка за добрососедство. Повторуваме дека единствениот начин за Република Северна Македонија и Република Косово е влез во Европската Унија и фокусирање на меѓудржавна соработка! Всушност, стравот се чини дека е на друго место! Владата на Македонија (Ковачевски-Ахмети-Пендаровски+ВМРО) се плаши дека мобилизацијата на албинизмот ќе ги отповика шаблоните на политичка соработка со скриена комунистичка идеологија меѓу Скопје и официјален Белград, истакна Блерим Сејдиу.

Според Сејдиу, „идејата на Албин Курти за засилена меѓусоседска соработка меѓу Бугарија-Македонија, Албанија и Косово има единствена цел за неутрализацијата на многу големото српско (руско) влијание, кое во последните 20 години растело на Балканот, особено во Република Северна Македонија“.

МИА

- Реклама -