Бербок: Ќе ѝ обезбедиме „зимска заштита“ на Украина, Путин да не се надева на намалување на поддршката

Германија планира да ја прошири и зголеми својата поддршка за Украина во наредните години, изјави министерката за надворешни работи Аналена Бербок на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во Брисел.

Покрај ветувањето за „зимска заштита“ на Киев во наредните месеци, Бербок ги повика своите колеги министри да не се фокусираат само на настаните на Блискиот Исток, нагласувајќи дека останува потребата од „соочување со геополитичките предизвици“ и во Европа.

„Нашата поддршка ќе биде значително проширена, особено за следната година“, рече таа и ја предупреди Москва да не очекува намалување на помошта за Киев како резултат на „драматичната ситуација во светот“.

„Не само што ќе ја продолжиме нашата поддршка за Украина, ќе продолжиме да ја шириме и зголемуваме“, рече Бербок, откривајќи дека Берлин планира да испрати уште еден систем за противвоздушна одбрана „Патриот“ од американско производство и генератори за електрична енергија во Киев.

Германскиот таблоид Билд минатиот викенд објави дека владејачката коалиција во Германија се обидува да ја зголеми воената помош за Украина од четири на осум милијарди евра само во 2024 година. Се очекува парламентарната комисија за буџет да го разгледа и потенцијално да го одобри планот оваа недела, пишува весникот.

Украина останува високо и на агендата на ЕУ и фокусот не се одвлекува од неа и покрај случувањата на Блискиот Исток, потенцираше високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедност – Жосеп Борел, по денешното заседание на Советот за надворешни работи на ЕУ и средбата на шефовите на дипломатиите на земјите членки.

Прочитајте и:  Кремљ: Американската противракетна база во Полска бара соодветни мерки

„Знаеме дека (рускиот претседател Владимир) Путин одново сака да ги користи како оружје гладта и зимата, студот и храната. Намерно се напаѓаат енергетската и извозната инфраструктура на Украина, со што не се нанесува штета не само на земјата, туку и на целиот свет. Затоа мора да продолжиме со поддршката за Украина. Путин верува дека демократијата е слаба и дека ќе се откажеме, но мора да му покажеме дека тоа нема да се случи“, истакна Борел.

Тој потсети дека во рамките на поддршката на Украина, ЕК даде препорака за почеток на преговорите за членство на земјата во ЕУ, а продолжува и воената поддршка за Киев.

Борел најави дека во рамките на таа безбедносна посветеност од ЕУ, во Киев ќе замине делегација Унијата за да разговара со украинските власти за предлозите на Унијата за Механизмот за поддршката на земјата, кој ќе биде претставен во конечна верзија на Европскиот самит во декември

„Друг приоритет е мировната формула како единствен предлог за праведен и одржлив мир за кој се разговара на меѓународно ниво. Работиме и на финализирање на 12-от пакет на рестриктивни мерки, што ќе биде предложен пред Советот заедно со предлогот на ЕК за регулативата за нивна имплементација“, рече Борел, додавајќи дека тоа може да се случи уште в среда.

Тој пакет санкции, според него, ќе вклучи додавање на нови лица на листата на санкционирани, ограничување на одредени стоки, како дијамантите и намалување на јазот меѓу цените на нафтата.

Извор: МИА

- Реклама -