Бен Валас за експлозиите на Крим: Очигледно не се случиле поради тоа што некому му паднала цигарата

Британскиот министер за одбрана Бен Валас ги отфрли руските изговори за големите експлозии во руската воена воздухопловна база на Крим, оддалечена околу 200 километри од фронтот. Смета дека се работи за „легитимна мета“ на украинската армија.

„Кога ќе ги погледнете снимките на двете експлозии симултано, кои и не се толку блиску, па и тоа што и руските власти признаа дека е направена штета, сметам дека е јасно оти не се работи за нешто што се случило поради тоа што некому му паднала цигарата“, рече Валас.

На прашањето дали смета дека се работи за легитимна мета на украинската армија, Валас одговори дека прво Русија ја покренала илегалната инвазија, не само во 2014 туку и оваа година.

„Украина, според правилата на ОН, има право да ја брани својата територија и се што е потребно да го одбие окупаторот. Дали е тоа легитимно? Апсолутно е легитимно Украина, доколку е потребно, да користи сила не само да ја поврати својата територија туку и да ги избрка окупаторите“, изјави тој.

„Русите ја користеа таа воздухопловна база за да ја бомбардираат Украина. Сметам дека е тоа легитимна мета по секој воен прирачник“, истакна Валас.

Инаку, украинската армија денеска соопшти дека во серијата експлозии се уништени девет руски воени авиони, што Русија го негираше. Според Москва, немало оштетување на авиони, но и не се работи за напад, туку за инцидент предизвикан од експлозија на муниција. Руските власти дури се обидоа и да го минимизираат инцидентот, велејќи дека од експлозијата воопшто не се засегнати хотелите и плажите на Крим, кој е популарна туристичка дестинација за многу Руси.

Прочитајте и:  Коваленко: Денешниот ракетен удар врз Киев е почеток на масивни напади врз Украина

Советникот на украинскиот претседател Володимир Зеленски – Михаил Подољак, пак, денеска изјави дека Киев не е одговорен за експлозиите во руската воздухопловна база на Крим, сугерирајќи дека можеби станува збор за диверзантски акции на партизански единици. На новинарско прашање дали Украина ја презема одговорноста за експлозиите на Крим, Подољак одговори: „Се разбира дека не“. Што имаме ние со тоа?“

Сепак, иако украинската страна не презеде одговорност за нападот, се шпекулира дека настанот може да биде поттик за ескалација на војната во Украина. Официјални претставници на Москва претходно во повеќе наврати предупредија дека секој украински напад врз Крим ќе резултира со одмазда, вклучително и напади врз „центрите за одлучување“ во Киев.

Дополнително, украинскиот претседател Володимир Зеленски, во обраќање до јавноста по експлозиите, најави ослободување на Крим. Алудирајќи на 2014 година, Зеленски рече дека војната во Украина започнала во Крим и ќе заврши со ослободување на полуостровот. Пред него, неколку часа по „инцидентот“, заменичката на украинскиот премиер – Ирина Верешчук, порача дека експлозиите се потсетник за тоа на кого вистински му припаѓа Крим, алудирајќи дека сепак се дело на украинската армија.

Според непотврдени извори, базата „Саки“ била погодена од украински ракети со долг дострел. Според локалното Министерство за здравство, во експлозиите загинало едно, а повредени биле осум лица.

Извор: МИА

- Реклама -