Белград уште вечерва ќе достави барање до КФОР за враќање на српски војници на Косово, Вучиќ не е оптимист

Српската влада, на вечерашната владина седница, одлучи вечерва по електронска пошта, а утре претпладне на административниот премин, да му достави на командантот на КФОР барање – кое, според Белград, е во согласност со Резолуцијата 124 – да се врати одреден број воен и полициски персонал на Косово. Станува збор за стотици до илјада луѓе, информираше вечерва српскиот претседател Александар Вучиќ по седницата, јави допсиникот на МИА од Белград.

Вучиќ посочи дека ова е првпат Владата на Србија да усвои вакво барање, но истовремено и оцени дека не смета дека постои можност КФОР да го прифати барањето.

„Тоа во овој момент би било важно за заштита на српското население и за она што е предвидено во Резолуцијата, а тоа е контрола на административните премини, особено на Јариње и Брњак, и драматично би ги намалило тензиите. Тоа би било добра одлука. Речиси сме сигурни дека нема да биде прифатено, врз основа на сѐ што слушнавме“, рече Вучиќ во обараќањето до јавноста.

Вучиќ презентираше и дел од француско-германскиот предлог за дијалог меѓу Белград и Приштина, при што оцени дека барањата во него се „најтешките можни“ за Србија.

Како што информираше тој, член 2 од предлогот вели дека „двете страни ќе се раководат од целите и принципите претставени во Повелбата на ОН, особено оние кои се однесуваат на суверената еднаквост на сите држави, почитувањето на нивната независност, автономија и територијален интегритет и правото на самоопределувањето“.

„Што можете да направите освен да скокнете од кожа“, искоментира Вучиќ, потсетувајќи дека ова барање „ѝ го предлагаат на Србија на која ѝ ја уништија територијалната целост и право на самоопределување“.

Тој го посочи и Член 3 – во согласност со Повелбата на ОН, страните секој спор го решаваат исклучиво со мирни средства и се воздржуваат од закана и употреба на сила.

Прочитајте и:  Медиуми во ЕУ: Путин го пречекори опасниот праг

„Па зошто употребија сила против Србија?“, реплицираше Вучиќ на овој член, додавајќи дека тие, Србите, не стапнале на територија на друга држава.

„Затоа имаме 2.500 мртви луѓе, 82 деца – и малата Милица и малата Бојана и малата Сања“, рече Вучиќ, алудирајќи на бомбардирањето во 1999 година.

„На сето ова не можеме да кажеме не, мора да кажеме дека мора да разговараме“, потенцираше српскиот претседател, па посочи на уште еден од членовите во предлогот:

„Во еден од членовите на овој план во последниот пасус се вели: ‘Србија нема да се спротивстави на членството на Косово во ниту една меѓународна организација’… што значи дека Србија нема да се противи на членството на Косово во ОН. Сакам луѓето во Србија да го знаат тоа… Барањата ни се најтешки можни“, заклучи Вучиќ, но со категорична порака дека Србија тоа нема да го прифати.

„Француско-германскиот план е предлог, но има една работа што им ја разјаснивме, а тоа е дека за нас не доаѓа предвид признавање на Косово и членство во ОН“, рече тој.

Во поглед на формирањето на Заедницата на српски општини на Косово, како еден од условите за деескалција на ситуацијата, Вучиќ рече дека „не верува дека некогаш ќе биде формирана ЗСО“ и дека „ќе бараат начин да ги обвинат Србите за некакви немири.“

Српскиот претседател оцени дека САД нема да го променат односот кон Косово и Србија, но изрази надеж дека Америка ќе биде подготвена, во периодот што следи, повеќе да ја слуша Србија отколку што на тоа е подготвена ЕУ, бидејќи, како што рече, можеби САД суштински подобро ја разбираат ситуацијата.

Извор: МИА

- Реклама -