Белата куќа бара од Конгресот уште 24 милијарди долари „од животна важност“ за Украина

Белата куќа се обратила до Конгресот со молба за одобрување на дополнителна финансиска подршка за Украина во висина од 24 милијарди долари, изјави синоќа на брифинг за новинарите Џон Кирби, координатор за стратешки комуникации во Белата куќа.

Според него, Киев има потреба од помош за продолжување на контраофанзивата во време кога се соочува со тешкотии на фронтот поради заладување на времето, и претседателот Џо Бајден со нетрпение очекува да добие од својот украински колега, Володомир Зеленски, најнови информации за ситуацијата на фронтот.

Зеленски денеска доаѓа во Вашингтон на средба со Бајден, ќе има настап во Конгресот, а потоа оди во Пентагон.

„Ова е навистина критично време бидејќи доаѓа есен“, изјави Кирби, додавајќи дека Белата куќа го советувала Зеленски да се сретне со американските законодавци за да ја оправда неопходноста од продолжување на воената подршка, со оглед на противењето од страна на дел од конгресмените.

„Од животна важност е да го прифатиме тој дополнителен договор“, изјави Кирби посочувајќи дека цената ќе биде многу повисока ако на рускиот претседател Владимир Путин му се дозволи да ја земе под своја контрола Украина и да се приближи кон границите со НАТО.

Бајден побарал од Конгресот да одобри дополнителни 24 милијарди долари воена и помош за други потреби на Украина во време кога продолжува руската инвазија.

Прочитајте и:  Русија предупредува на „катастрофални последици“ по одлуката на Бајден да дозволи напади со ракети длабоко на руска територија

Зеленски денеска оди во Вашингтон на средба со Бајден во Белата куќа, попладне има настап во Конгресот а потоа средби во Пентагон.

Кирби кажа дека ова ќе биде шеста средба на лидерите на САД и Украина и трета посета на Зеленски на Белата куќа.

Според него, се води „активна“ дискусија за снабдување на Украина со армиските тактичи ракетни комплекси (АТАСМЅ) со дострел од 300 километри. Сепак одлука сè уште нема. Киев повеќепати бараше вакви ракетни средства со чија помош украинската војска може да ги напаѓа линиите на снабдување, воздухоплновните базите и железничките линии на териториите окупирани од Русија.

Кирби рече дека Украина постига прогрес во контраофанзивата, но „очигледно е дека таа не е завршена и дека „тие сè уште имаат потреба за сета поддршка што можат да ја примат за да се продолжи контраофанзивата“.

САД се водечки снабдувач на безбедносна помош за Украина. Од 2014 година, по првата руска инвазија на делови од југоисточна Украина, до август 2023 година САД имаат издвоено повеќе од 46 милијарди долари воена помош за Украина, покрај хуманитарна (4 милијарди долари) и финансиска (повеќе од 26 милијарди).

МИА

- Реклама -