Бајер смета дека ВМРО-ДПМНЕ е проевропска и го разбира нивното однесување, но очекува уставните измени да се завршат до крајот на годинава

Со сигурност знам дека ВМРО-ДПМНЕ сака да го измени Уставот, но поради процедурите за измена на Уставот и однесувањето на Бугарија сметаат дека сега не е поволен период, истакна Петер Бајер, пратеник во Бундестагот од редовите на германската политичка партија ЦДУ.

Тој во вечерашното гостување во дневникот на Сител телевизија, вели ВМРО-ДПМНЕ треба да ги зголеми напорите за воспоставување на кредибилитет дека стои зад уставните измени веднаш штом формираат влада, но како што рече, има разбирање за наративот на ВМРО-ДПМНЕ, посочувајќи дека според разговорите кои ги имал последните години со високи претставници на партијата може да се потврди нејзината проевропска позиција.

– Ова не доаѓа како изненадување, подолг период претставници на ВМРО-ДПМНЕ патуваат низ ЕУ и зборуваат и со Американците кои секогаш играат важна улога кога станува збор за овој регион. Имавме многу состаноци со нив во Брисел и Берлин и тие објаснија кој е нивниот наратив и аргументи, и јас и останатите можевме да ја сфатиме логиката. Така што мислам дека се проевропски, но треба да ги зголемат напорите за воспоставување на кредибилитет во смисла на тоа дека стојат зад уставните измени веднаш штом формираат влада, рече Бајер.

Според разговорите кои ги воделе со ВМРО-ДПМНЕ изминативе години, вели не просведочил висок претставник на партијата да каже нешто јавно против Европската унија.

– Не сум просведочил висок претставник на ВМРО-ДПМНЕ да каже нешто јавно против Европската унија, напротив од сите разговори кои ги имавме последниве години сум просведоичил на многу проевропски позиции и знам со сигурност дека тие сакаат да се измени Уставот, но имаат аргументи и причини зошто велат не сега, поради процедурите на измена на Уставот, но исто така и поради однесувањето на Бугарија и некои од нејзините највисоки претставници. Имам силно разбирање зошто ВМРО-ДПМНЕ дејствуваше така како што дејствуваше, рече Бајер.

Потенцираше дека било која идна влада ќе мора да го реши ова прашање. Очекувањата, вели Бајер, се дека идната влада ќе ги спроведе уставните измени до крајот на оваа година.

Прочитајте и:  Мицкоски: Владата ја поддржа кандидатурата на Шекеринска за заменик генерален секретар на НАТО, се слушнавме и по телефон

– По изборите доколку победат и формираат влада или било која друга влада ќе мора да се справи со ова прашање. Мое очекување е дека следната влада ќе биде проевропска, ќе ги спроведе уставните измени и тоа не следната година, туку пред крајот на оваа година, рече Бајер.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска оствари средба со Бајер на која разговарал за актуелна политичка состојба и претстојните претседателски и парламентарни избори.

Мицкоски, како што соопшти партиската прес-служба, го информирал Бајер дека во тек е кампањата за избор на претседател на Република Македонија, а за два дена почнува и кампањата за парламентарните избори.

Потенцирал дека кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ професорката Гордана Силјановска Давкова е најсериозен избор за шеф на државата, бидејќи според него, таа е човек со принципи која ќе успее да ја направиме Македонија горда земја како на внатрешен, така и на надворешен план.

Во однос на претседателската кампања, Мицкоски додал дека Силјановска Давкова се соочува со низа навреди и ширење на говор на омраза од страна на актуелниот претседател на државата од СДСМ, Стево Пендаровски.

Мицкоски искажал загриженост за ситуацијата во која се наоѓа Македонија, додавајќи дека најнов шамар за владата на СДСМ и ДУИ е токму извештајот на Фридом Хаус во кој е нотирано дека Македонија не бележи никаков напредок во борба со корупцијата, како и дека институциите не се во служба на граѓаните, стои во соопштението.

Според него, поради ваква лоша состојба во која се наоѓа државата, граѓаните на 24 април и 8 мај ќе изберат промени.

Мицкоски се заблагодарил и на досегашната соработка и поддршка и изрази надеж дека истата ќе продолжи и во следниот период. 

- Реклама -