Судовите во Австрија се затрупани со тужби заради комшиски расправии, и тоа често околу небулози. Околу 11.000 тужби годишно се поднесуваат во просек од австриските граѓани против нивните соседи.
„Често се води жестока борба околу нешта за кои другите би се чуделе“, вели потпретседателката на Покраинскиот суд на Виена за цивилно право – Беатрикс Енгелман. Според неа, подготвеноста конфликтите да се решат со договор е опадната и продолжува да опаѓа. Сé повеќе спорови се водат до највисоките судски инстанци, многу почесто отколку порано.
Рекордерот доаѓа од една зграда во Леобен. Се работи за станар кој поднел дури 499 пријави против своите соседи. Типот одел дотаму што водел детална евиденција за бучавата, бележејќи го секое лаење и секое тропање на вратите. Судскиот спор, освен во два исклучока, е отфрлен, а од тужените, само една странка морала, заради бучавата, два пати да плати мала парична казна.
Една друга станарка морала да побара помош од адвокат, за да се одбрани од постојаните пријави на комшиите. Тоа ја чинело 1.000 евра. Во овој случај, судот процени дека големиот број на пријави е неоправдан, и дека доаѓаат од страна на човек кој очигледно не трпи ни најмалку бука. Судот наведе дека заради тоа очигледно не е можен соживот, заради што нервозниот комшија треба да се исели.
Во Виена, пак, еден станар на општинска зграда е иселен откако ја „тероризирал“ својата сосетка, сопственичка на куче. Соседов редовно ѝ тропал на вратата од станот, со што го провоцирал нејзиното куче да лае, и притоа го снимал лаењето со мобилен телефон. Потоа се жалел кај надлежните дека со години го нервира лаењето. На крајот, судот одлучил дека постои основа за поништување на договорот на станарот кој намерно го предизвикувал лаењето за да ѝ нанесе штета на својата сосетка.