Арсовска: Прво е прашањето кој пали во Скопје, а не кога мостот ќе биде во употреба

„Иницијалното прашање е кој пали во градот Скопје и кој ги предизвикува сите овие хаотични ситуации, а не за колку време ние ќе го ставиме мостот во употреба“, изјави градоначалничката на Скопје – Данела Арсовска, во интервју за „Телма“, во врска со мостот „Беласица“, кој е затворен за сообраќај откако пред десетина дена беше опожарен.

Според Арсовска, со постојаното зборување за враќањето на мостот во функција се прави дефокус од вистинското прашање – кој го предизвикал пожарот.

„Две ситуации на мостови имавме за седум дена – по седум дена беа исечени и сите држачи на железничкиот мост во Влае“, истакна Арсовска.

Таа потенцираше дека тимови од надлежните институции се излезени на терен и дека сѐ додека не се соберат сите докази и сѐ додека не е сигурно дека нема да се загрози откривањето на сторителот на кривичното дело, во однос на мостот не смее да се постапува.

„Не смееме да постапуваме дури и да сакаме. Зеленото светло го добивме пред неколку дена дека може да почнеме да постапуваме“, рече градоначалничката на Скопје, додавајќи дека се ангажирани вешти лица и на терен се работи „за да се докаже какво е оштетувањето, ако воопшто го има“. Според неа, тоа не би требало да трае повеќе од 20 дена.

„Ако прелиминарните докази од анализите го дадат тоа што го очекуваме, тогаш мостот со ситна санација ќе биде пушен во употреба. Но само во оној момент кога ќе бидеме сигурни дека е безбеден за нашите граѓани“, категорична е Арсовска.

Според неа, тврдењата за голема оштетеност ги смета за несериозни, зашто оценките, како што рече, биле дадени „од око и на далечина од 50 метри“, а тоа предизвикало вознемиреност во јавноста за безбедноста на мостот.

Извор: МИА

- Реклама -