Арсовска од следната недела почнува со редовни контакти со медиумите

Градоначалничката на Скопје – Данела Арсовска, најави дека од следната недела отпочнува со редовни контакти со медиумите – не само со брифинзи, туку и со прес-конференции на кои, како што рече, ќе се елаборира што е тоа што се случува во градот.

„Јас со мојот однос мислам дека сум целосно спротивност од она кое што сме го имале во претходното раководство на градот. Планирам да воспоставам еден можеби поинаков начин на соработка и од следната недела па натаму, со отпочнување на редовни контакти со медиумите – не само со брифинзи, туку и со прес конференции, едноставно ќе се елаборира што е тоа што се случува во градот“, истакна Арсовска во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 телевизија.

Таа додаде дека сака да има одговор на сите прашања кои ги мачат граѓаните, а со еден месец како градоначалник тоа не е можно.

„Отпочнати се процесите за сите работи, не само за проектите кои треба да се реализираат туку и за ревидирање на сето она кое што се случува во градот. Навистина наидуваме на зачудувачки работи и верувам дека за истите низ еден процес кој што ќе биде транспарентен понатаму ќе бидат разоткривани состојбите“, рече Арсовска.

Говорејќи за БРТ превозот, Арсовска рече дека за тоа не постои ниту презентација пред Совет на Град Скопје, а и одлука на Совет на Град Скопје, а тие се претставниците на граѓаните во градот.

„Преземале обврска дека ќе потрошат 70 милиони евра, а Советот не донел одлука“, изјави градоначалничката на Град Скопје, додавајќи дека ниту скопјани се прашани, ниту запознаени за истото.

Таа додаде дека постојат и ризици од овој проект и граѓаните треба да знаат зошто БРТ не е најдобро решение.

Прочитајте и:  ЈО: Дадени се насоки на Управата за финансиска полиција да се испитаат постапките за јавни набавки за горивото за ЈСП

„Ризици се како отстранувањето на средишното зеленило од Партизанска, но поголем ризик е што под тоа зеленило се наоѓа главната водоинсталација за питка вода за Скопје. Дали скопјани биле запознаени дека треба да се гради нов мост кај мостот Обединети нации и истото не е вкалкулирано во буџетот од 70 милиони евра и дека новиот мост ќе е сериозна задача од финансиска гледна точка, детектирано е, но и од нормалниот живот. И тоа е дополнителен трошок од над 6 милиони евра“, вели Арсовска.

Според Арсовска, чесно е да се презентираат овие работи пред скопјани и да одлучат дали е ова добро решение за нив.

„Јас понудив концепт за кој граѓаните се решија, но и споменав референдум. Има многу напади секојдневно и закани, но немам намера да потклекнам пред истите. Референдум е една од опциите кои може да се понудат дали граѓаните сакаат едно или друго решение. Референдумот како опција и треба да се практикува за решенија како што е БРТ, кое ќе го оптовари буџетот на државата за 70 милиони евра“, нагласи Арсовска.

Во однос на намалување на цената на паркинг, градоначалничката Арсовска рече дека е испратено барање и е отпочната процедурата, за што се чека одлука од управниот одбор на јавно претпријатие Градски паркинг со која што ќе прифати да ги намали цените за паркингот.

„Веќе е отпочната процедурата, дадено е до јавното претпријатие Паркинзи и тие треба да донесат соодветна одлука на нивниот управен одбор. А, понатаму тоа доаѓа до Градот Скопје на прифаќање од страна на Советот“, појасни Арсовска и додаде дека ќе има 25 отсто намалување на услугите на градскиот паркинг во Скопје.

МИА

- Реклама -