„Работата на ‘Комунална хигиена’ Скопје е вратена во нормала, сметот редовно се чисти и сите вработени ги извршуваат своите работни задачи. Оваа политички инструирана блокада имаше единствено за цел нарушување на мојот личен кредибилитет, нарушување на кредибилитетот на претпријатието и нарушување на личниот и професионалниот кредибилитет на градоначалничката Арсовска и, што е најважно, заштита на интересите на мафијашките структури во нашето претпријатие“, изјави попладнево на прес-конференција Косана Мазнева, директорка на комуналното претпријатие на главниот град.
Придружена од градоначалничката на Скопје – Данела Арсовска, Мазнева рече дека помала група вработени неколку дена го блокирале редовното работење и не дозволувале да биде исчистен сметот на територијата на Скопје. Повеќе од 15 години тие биле постојано трета смена, а поголем дел од нив, како што рече, воопшто не се појавувале на работа. Екипите од ноќеска по 1 часот, рече таа, се пуштени на терен и сметот ќе се исчисти од сите општини во Скопје, најпрво од главните сообраќајници.
„Градската администрација и ‘Комунална хигиена’ Скопје успешно се справи со опструкциите и блокадата на работата на нашето претпријатие од страна на мафијашките структури коишто не дозволуваа ниту еден вработен да ги извршува своите работни задачи“, рече Мазнева.
Додаде дека иако ги известиле надлежните институции за блокадата со која се соочува претпријатието, „на мафијашките структури им беше дозволено и понатаму да продолжат со самоволието и незаконската блокада на работата на нашето јавно претпријатие“.
„Само откако притисокот од јавноста стана целосно неподнослив, надлежните органи си ја извршија својата работа и ја отстранија блокадата“, рече Мазнева и додаде дека во блокадата на возилата да излезат на терен учествувале и лица коишто воопшто не се вработени во „Комунална хигиена“.
Заедно со Арсовска нагласија дека нема да дозволат да продолжи самоволието на малкумина во градот и дека пред сѐ е важен јавниот интерес т.е. интересот на граѓаните.
На прашањето кои се „мафијашките структури“, одговори дека „уште пред неколку дена е известено и МВР и Јавното обвинителство“ .
„За тие лица за коишто ние пријавуваме сомнение и имаме одредени документи како помош кои би им послужиле на ЈО и на МВР се веќе уредно доставени. Значи, имаме кривични пријави и сѐ што требаше да биде направено од наша страна и сите институции коишто требаа да бидат информирани се целосно информирани. Дури мислам дека може малку побрзо да постапат од она што го направија“, изјави Мазнева и додаде дека ќе треба да се консултира дали може да ги објави нивните имиња заради заштитата на лични податоци.
Соопшти и дека соодветни пријави ќе бидат поднесени и за лица кои пред медиумите клеветат и поттикнуваат гнев со лажни изјави. Нагласи и дека ЈП „Комунална хигиена“ е во целосна кондиција и вработените првпат од 2007 година добиле регрес на плата и по многу години им е доделена заштитна опрема.
Градоначалничката Арсовска изјави дека јавноста треба да оддаде признание на Мазнева зашто е прв директор на ова комунално претпријатие која одлучила да се справи со „мафијата“ во ЈП Комунална хигиена.
„Не дозволувам никој да манипулира, најмалку против една жена, која се нафати во едно претпријатие со 1400 вработени, што било во заложништво на стотина ликови семејно поврзани, од коишто оние што ги водат се мафијашки структури, да се обиде ова да го испреврти и да ја направи виновна за било што. Таа ги детектираше сите неправилности. Таа постапи уште минатиот месец и пред 25 јуни кога реагираше соодветно, кога отпочна со сите постапки и дури отпосле овие мафијашки структури одлучија да се пресметаат со неа. Отказните решенија на овие мафијаши се од минатиот месец со кривичните пријави коишто им се уредно поднесени. Тие почнаа со бунтови и со реакции откако видоа дека тука нема повеќе шегување, дека никој нема намера да им попушти на притисоци, на закани, на уцени… Треба да го поздравите тоа што некој со овие мафијаши се справува после 30 години“, рече Арсовска.
Таа додаде дека иако има многу роднински поврзани меѓу вработените во претпријатието, но дека „луѓето ги делиме на чесни и нечесни, на работници и неработници“ и „за нечесните и за неработниците повеќе нема место“.
„Фативме луѓе коишто пет години седат во Германија, во Швајцарија, трајно се иселени и земале плата… Ние не зборуваме за поединци и не зборуваме за кланови. Зборуваме за неработници, за нечесни луѓе и за мафијаши, за луѓе коишто при работниот процес извршиле кривични дела и за нив одбрана нема“, рече Арсовска.
На прашање дали се согласува со предлогот на некои градоначалници надлежностите за собирање на сметот во градот да им се префрлат ним, Арсовска одговори дека луѓето „од коалицијата ДПМНЕ-СДСМ“ играат политички игри и „како инфлуенсери се сликаат по улиците и нередот што го прават“ и треба, рече, да престанат да си играат со нервите на скопјани и нивниот интерес, односно институциите да функционираат како што треба.
„Сите тие се власт во градот Скопје и во државава и треба да си постапуваат согласно нивните одговорности, а не да глумат инфлуенсери, да глумат и да се сликаат. Туку да се зафатат за работа и нека си ги исчистат нивните населби прво, па после тоа нека кажуваат“, рече градоначалничката на Скопје.
Текст/Фото: МИА