Аугментираната реалност не е само за игрици. Популарниот Weather Channel, на пример, ја имплементираше во нивните временски прогнози за да ги направи вестите малку пореални и поинтересни.
Аугментираната реалност сè повеќе се користи во индустриските и корпоративните апликации, меѓу другото и за обучување на работници или продажба на продукти. На пример, аугментираната реалност, во комбинација со виртуелната, веќе ја користат Samsung, GM и Boeing, со цел да ги обучат фабричките работници и да им помогнат на инженерите во процесот на дизајнирање. Инаку најпознатиот пример со имплементација на технологијата за аугментирана реалност е (манијата околу) Pokemon Go. Иако популарноста на играта/апликацијата сè повеќе избледува, аугментираната реалност е во голем подем, ширум планетата.
Сеедно, да се вратиме на Weather Channel. Минатата недела, тие ја искористија оваа технологија за да направат една поучна демонстрација за тоа зошто кога во зима ја чистиш колата, не треба да оставиш купче снег на кровот. Аугментираната реалност им помогна да доловат ситуација која инаку можеби и не би им текнала на возачите, затоа што во принцип не ги засега директно нив, туку останатите учесници во сообраќајот.
PS. Во случај да се прашувате што е разликата меѓу аугментираната и виртуелната реалност, одговорот е едноставен. VR ги внесува корисниците во комплетно виртуелен простор, додека AR го комбинира виртуелниот свет со реалниот физички свет. Тоа го прави со специјални леќи, екрани, па и холограми.