Антикорупциска отвори два предмета против Мицкоски, ќе ги „чешла“ концесиите за хидроцентрала

Ќе се проверува како лидерот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски, дошол до државно земјиште од 33.000m² и до концесии за изградба на хидроцентрала, одлучи денес Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК).

Комисијата ќе отвори два предмета против Мицкоски, по допрен глас, откако вчера портпаролот на СДСМ – Костадин Костадинов, побара од Антикорупциска да ја истражи сопственоста на хидроцентралата во која, според него, свој удел имаат Мицкоски и Димитар Димовски, кој е член на Извршниот комитет на ВМРО‐ДПМНЕ.

Како што обвини Костадинов, Мицкоски и Димовски се дел од сопствениците на „Енерготек ДОО Скопје“, основана во мај 2014-та година, кога Димовски бил висок функционер во Министерството за транспорт. Оваа компанија, заедно со компанијата „Минка ДА“, го основала конзорциумот „МИНКА – ЕНЕРГОТЕК ДОО“ Скопје, кој од Владата добил концесии за користење вода за изградба на хидроцентрали на реката Брегалница и на Клепалска река.

Освен тоа, „Енерготек ДОО Скопје“ од Владата добила 33.000 m² државно земјиште за изградба на хидроцентрала токму во време кога Мицкоски е советник за енергетика во Владата на Груевски, а Димовски извршувал висока функција во Министерството за транспорт и врски. Според Костадинов, се работи за класичен судир на интереси.

Прочитајте и:  Мицкоски: Очекуваме час поскоро да се стави крај на оваа руска агресија и да можеме нормално да функционираме и да се развиваме

Дополнителен сомнеж, според него, отвора фактот што фирмата „Енерготек ДОО Скопје“, преку конзорциумот „МИНКА – ЕНЕРГОТЕК ДОО“ Скопје, по само два месеци од отворањето, добива концесија за користење на вода за производство на електрична енергија со изградба на хидроцентрала.

Вториот предмет на Антикорупциска за Мицкоски се однесува на тоа што истовремено бил советник на Груевски и директор на АД ЕЛЕМ. За Антикорупциска е спорно како Мицкоски, кој во септември 2016 бил избран од надзорниот одбор на АД ЕЛЕМ, продолжил да биде надворешен советник за енергетика на Груевски, кога владата ги предлага членовите на Надзорниот одбор на компанијата која го предложила за директор, пренесува „НОВА ТВ“.

Од ДКСК јавно го повикаа Костадинов да ги достави сите информации со кои располага.

- Реклама -