Како што ветија Adobe, флеш плеерот нема да биде поддржан во Android 4.1 (Jelly Bean). Adobe ќе продолжи со апдејтите, но почнувајќи од 16. август апликацијата за Flash player нема да биде достапна за новите корисници во Google Play продавницата.
„Почнувајќи од 15. август ќе го ограничиме пристапот до Flash Player апдејтите само на оние уреди кои веќе имаат инсталирано Flash Player. Уредите кои го немаат, најверојатно и нема да бидат компатибилни и нема да можат да го инсталираат преку Google Play после 15. август“ – информира Adobe.
Кога ќе апдејтирате на Android 4.1, Flash Player сè уште ќе биде инсталиран, но Adobe препорачува да ја отстраните апликацијата бидејќи „моменталната верзија на Flash Player може да прикаже непредвидени акции“. Некои корисници на Jelly Bean сепак коментираат дека флеш плагинот сè уште работи добро.
Сега, кога апликацијата на Adobe веќе нема да биде поддржана за следните верзии на Android и кога мобилниот Chrome броусер нема флеш, Android ќе изгуби битна предност, а релевантноста на флеш во уредите ќе почне да се губи.
Патот на Android е бурен од самиот почеток, и иако корисничкото искуство не беше толку добро но допрва станува со Jelly Bean, добро беше да се знае дека повремено можете да отворите и флеш страница со вашиот мобилен уред. Како сега ќе им се фалите на вашите пријатели кои имаат iPhone или iPad? Останува да видиме како Google ќе пристапи на овој проблем наскоро.