Анализа: Бугарија и Македонија формираа „Министерство за вистина“, Договорот ја отвори Пандорината кутија

„Бугарија неодамна се спротивстави на почеток на преговорите со Северна Македонија поради спор за јазикот, историјата и наследството. Владата на Бојко Борисов ја обвинува Северна Македонија дека не го почитува Договорот за добрососедство од 2017 година, кој требаше да ја промовира соработката и да ги ублажи несогласувањата. Овој потег предизвика палета од емоции, обвинувања и помпезни политички изјави.

За прагматичните евро-атлантисти, ветото на Бугарија го запира насушнот потребниот економски развој на Балканот. За поромантичарски настроените, одлуката на Бугарија стави кочница на полувековниот сон за немање граница меѓу Бугарија и Македонија. Некои се приклонија кон официјалното гледиште на Скопје – дека Бугарија го прекршува правото на самоопределување на Северна Македонија и одат дотаму што бугарските барања ги нарекуваат ‘силеџиство’. Други го насочија прстот кон бугарскиот премиер Бојко Борисов, кој наводно ја злоупотребува контроверзата за домашна употреба заради претстојните избори, особено во време кога не е многу популарен. Имаше и повици до ЕУ и САД да ја притиснат Бугарија да ја промени својата позиција.

Среде целиот тој гнев, зарем не пропуштаме некои витални елементи од сликата?“, прашува во анализата за непрофитниот „Нова Источна Европа (NEE)“, насловена „Што се крие зад ветото на Бугарија на пристапните преговори на Северна Македонија?“д-р Радосвета Василева – која е Бугарка, но пред сѐ професор по право, чиј истражувачки интерес е амалгам од европско право и компаративно јавно и приватно право, а која исто така води и сопствен блог посветен на владеењето на правото во Бугарија.

Еве што, според Василева, се превидува во јавниот наратив за спорот меѓу Бугарија и Македонија:

Бугарско-Северно Македонско Министерство за вистина?

Според Член 8 (2) од Договорот за добрососедство, Бугарија и Северна Македонија треба да формираат ‘Заедничка мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, со цел да придонесе кон објективна и научна интерпретација на историските настани, основана на автентични и базирани на факти историски извори’. Вордингот можеби блика со политички патос (* занес, ентузијазам, но во секој случај обид да се биде убедлив со играње на картата на емоција н.з.), но, во суштина, Бугарија и Северна Македонија се обврзаа на создавање на министерство за историска вистина – идеја што може да биде силно критикувана и од историска, и од правна перспектива.

Здравиот разум и слободата на говор, вклучително и на следственото право на експертско мислење, диктираат дека не само што е можно, туку е и мошне веројатно дека истите факти можат да бидат читани и интерпретирани на различни начини. Дали тоа се прави со добри или скриени намери – е друго прашање, и навистина, историски гледано, човек може да се посомнева дека и двете земји се впуштале во пропаганда и оцрнувачки кампањи една против друга. Тешко дека ова може да биде изненадувачко, со оглед на историските тензии во регионот. Меѓутоа, двете земји јасно се нафатија на нешто што се чини невозможно и кое може да ги наруши академските слободи на долг рок.

Уште повеќе, како што се гледа од извештаите, еден од најспорните периоди со кои оваа експертска комисија се очекува да се справува е Втората светска војна. Како Бугарка, јас сум навистина збунета од тоа зошто се очекува Северна Македонија и Бугарија да имаат заедничко сфаќање на овој комплексен историски период, кога само во Бугарија има остри дебати кои не само што ги поделуваат Бугарите, туку и самата Еврејска заедница, исто така.

Еден пример

EUobserver ја оцени актуелната состојба како фијаско кое ‘ги вовлекува Хитлер, Сталин и Тито’. Новинарот Ендрју Ретман делумно ги тривијализира барањата на Бугарија: ‘Бугарија исто така сака во книгите да престане да се вели дека била виновна за фашистичка окупација на Северна Македонија во ВСВ, иако беше, како една од земјите од оската на Хитлер’. Мејнстрим македонската пропаганда, како што е евидентно на друштвените мрежи, отворено реферира кон цар Борис III како ‘фашист’.

Во Бугарија, меѓутоа, постојат спротивставени наративи околу улогата на цар Борис III во Втората светска војна, кои се базирани на едни исти факти. Цар Борис Трети играше опасна игра со Хитлер, обидувајќи се да го заштити своето кралство од тоа да биде прегазено. Борис III одби да депортира 48.398 бугарски Евреи во конц-логорите, што ја прави Бугарија единствениот сојузник од Оската кој ја спасил целата своја еврејска популација. Меѓутоа, според мејнстрим читањето, Борис III формално не можел да одбие депортација на Евреите од Вардарска Македонија, Егејска Тракија и Пирот (тогаш окупирани територии од силите на Оската, администрирани од Бугарија) бидејќи тие не биле бугарски граѓани. Борис III умре во 1943 година, кратко откако имаше средба со Хитлер, и се шпекулираше дека бил отруен поради неговото одбивање да депортира бугарските Евреи во камповите на смртта. Иако овие шпекулации не можеа да бидат потврдени, помогнаа да се засили имиџот на Борис како ‘спасител’.

Од ‘Бугарска перспектива’ – фашист или спасител?

Зависи кого прашувате. Во неговата книга Човекот што го изигра Хитлер, Самуел Ардити – бугарски Евреин кој го преживеа Холокаустот и живее во Израел, аргументира дека Борис III одиграл решавачка улога во спасувањето на бугарските Евреи. Тој е приврзаник на гледиштето дека Борис немал избор кога станува збор за депортацијата на Евреите кои не биле бугарски граѓани. Мајкл Бар-Зоар – израелски историчар и политичар кој исто така е преживеан од Холокаустот од Бугарија, дели слична интерпретација во неговата книга Вон дофатот на Хитлер: Херојското спасување на Евреите на Бугарија, во која исто така оддава почит на бугарските граѓани кои активно работеле за да го убедат Борис да го надмудри Хитлер и да го изведе ‘еден од најголемите блефови во историјата на Втората светска војна’.

Прочитајте и:  Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ не функционира со ултиматуми и рокови

Во остар контраст, во „Спасот“ и падот: Микроекономијата на државниот антисемитизам во Бугарија 1940-1944 година, Румен Аврамов заклучува дека политиките на Борис биле антисемитски и дека реалноста била дека мала група на Бугари придонеле за спасувањето на Евреите од другите Бугари. Леа Коен – претседател на Бугарското здружение на преживеани од Холокаустот и нивните деца, е исто така жесток критичар на царот Борис III – таа во повеќе наврати се обиде да го побие наводниот мит дека Борис III не сноси одговорност за смртта на Евреите од Македонија и Тракија.

Ако сметате дека горенаведените спорови се комплицирани и тешки за решавање, подгответе се, има уште“, продолжува Василева во анализата.

„Во приватен разговор, ми беше кажано дека некои членови на бугарската Еврејска заедница се сомневаат дека Самуел Ардити бил пристрасен поради неговото пријателство со Симеон Сакскобургготски (ака. Симеон Втори) – синот на Борис III. Меѓутоа, оваа интрига тешко се совпаѓа со фактот што таткото на Самуел Ардити – Бинјамин Ардити, кој беше член на три Кнесети (* член во три парламентарни состави на Израел), зборуваше за нескршливата волја на Борис III да ги спаси Евреите на Бугарија во неговата книга Улогата на Борис III во иселувањето на Евреите од Бугарија, издадена во Тел Авив во 1952 година.

Во меѓувреме, Мајкл Бар-Зоар тврди дека бугарските Евреи кои останале во Бугарија и не емигрирале во Израел, за разлика од големото мнозинство бугарски Евреи, биле комунисти. Тој верува дека тоа е причината што тие го прифатиле ‘комунистичкото гледиште’ дека бугарските Евреи се едноставно само преживеани, а не луѓе кои биле спасени. Навистина, не е тајна дека имало бугарски Евреи кои биле дел или од партизанското движење или активно го поддржувале – многу од нив останале во Бугарија и одиграле улога во Бугарската комунистичка партија. Исто така добро познато е дека Борис III бил особено непријателски расположен кон партизанското движење. Во некои бугарски домаќинства, вклучително и на бугарските Евреи, ‘партизан’ е синоним за терор, додека во други е олицетворение на слава и гордост.

Зошто е ова релевантно за ЕУ членството на Северна Македонија?

Како што се гледа од погоре, споменот на Втората светска војна е сѐ уште премногу свеж и луѓето можат да имаат дијаметрално спротивни гледишта во зависност од нивните лични верувања и семејната историја, независно од етничката припадност. Дали навистина можете да ги решите овие тензии со формирање на Министерство за вистина кое ќе пресудува кој е прав, а кој греши? Дали ова не е рецепт за предизвикување на уште повеќе понатамошна огорченост и болка? Токму во ова светло Договорот за добрососедство меѓу Бугарија и Северна Македонија изгледа уште повеќе како идеалистичка авантура и ќорсокак.

Во меѓувреме, 83.8% од Бугарите не поддржуваат членство на Северна Македонија во ЕУ, освен под услов да се решат историските спорови со Бугарија. А и зошто би поддржувале? Тие се незадоволни од македонските историски наративи и упорно им беше ветувано од министрите на Бојко Борисов и крајно-десничарските коалициски партнери дека корекцијата на овие наративи е услов за приклучување кон ЕУ.

Оние кои веруваат дека Борисов стави вето на членството на Северна Македонија само за да се обиде да ја спаси својата репутација пред претстојните редовни избори, која беше оцрнета од масовните протести, површно ги читаат нештата. Третата влада на Борисов ветуваше дека Северна Македонија ќе го поправи својот историски наратив – со години, и ќе мораше тоа да го испорача дури и ако не беа масовните протести во Бугарија.

Авторството на оваа ‘Криза на европроширувањето’ треба да се бара меѓу идеолозите на Договорот за добрососедство (Борисов и Зоран Заев не се меѓу нив) и мноштвото дипломати и претставници кои честитаа кога договорот беше потпишан. Токму овој договор му даде моќ на Борисов и му овозможи вистинска алатка за притисок и изнуда, со псевдо-легалната основа на која се потпира. Без оглед колку анекси ќе се потпишат, овој договор ја отвори Пандорината кутија, која ќе ги труе односите меѓу Бугарија и Северна Македонија со години. Излишно е и да се спомене дека, зависно од нивното потекло и верувања, граѓаните на секоја од двете земји ќе го негуваат и бранат историскиот наратив кој нив најмногу им се допаѓа, без оглед која верзија на вистината Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија ќе ја одобри за масовна консумпција“, заклучува Василева во текстот.

- Реклама -