Американски разузнавачи: Путин се подготвува за долга војна во Украина

Владимир Путин се подготвува за долга војна во Украина, при што дури и евентуална победа на исток нема да стави крај на конфликтот, предупредија американски разузнавачи.

Предупредувањето доаѓа во моменти кога продолжуваат жестоките борби на истокот, каде Русија се обидува да заземе територија, потсетува Би-Би-Си.

Москва повторно ги фокусираше своите трупи на заземање на регионот Донбас откако Украина се спротивстави на обидите да го заземе нејзиниот главен град Киев.

Но, и покрај тоа, руските сили остануваат во ќор-сокак, тврдат американските разузнавачи.

Аврил Хејнс, директорка на националното разузнавање, во излагање пред Комитет на американскиот Сенат изјави дека Путин сè уште има намера „да постигне цели надвор од Донбас“, но дека „се соочува со неусогласеност меѓу неговите амбиции и сегашните конвенционални воени способности на Русија“.

„Путин најверојатно смета дека Русија има поголема способност и подготвеност да издржи предизвици од неговите противници, и тој веројатно смета на решителноста на САД и ЕУ да ослабат бидејќи недостигот на храна, инфлацијата и цените на енергијата се влошуваат“, нагласи Хејнс на сослушување во Сенатот.

Прочитајте и:  Француската брза железница мета на „координирани акти на саботажа“, непосредно пред отворањето на ОИ

Но, со оглед дека целите на Путин се поголеми од руските воени капацитети, посочи таа, се очекува рускиот претседател да стане понепредвидлив и да преземе потенцијално ескалаторни чекори. Како што наведе Хејнс, можно е тој да нареди воена состојба во Русија, да го преориентира индустриското производство, па дури и да прибегне кон  ескалаторни воени опции – за да ги ослободи ресурсите потребни за да ги постигне своите цели. Сепак, Хејнс додаде дека Путин најверојатно нема да нареди употреба на нуклеарно оружје, освен ако државата не се соочи со „егзистенцијална закана“ (како што тврди и Кремљ).

Директорот на Одбранбената разузнавачка агенција – Скот Бериер, исто така оцени дека Русите и Украинците се „малку во ќор-сокак“.

Во последните борби, Украина тврди дека повторно освоила четири населени места во североисточниот регион Харков. Черкаси Тишки, Руски Тишки, Рубижне и Бајрак се одземени од Русија, соопштија вооружените сили на Украина.

Извор: МИА

- Реклама -