Американски новинар тврди: Трамп тајно му пратил ковид тестови на Путин кога беа недостапни во 2020 година

Додека коронавирусот глобално се ширеше во 2020 година, а САД и другите земји се соочуваа со недостиг на ковид тестови, тогашниот претседател Доналд Трамп тајно му испратил на Владимир Путин од тогаш недостапните тестови за негово лично користење, се дознава од најновата книга на познатиот американски новинар Боб Вудворд, заменик уредник на „Вашингтон пост“.

Путин бил во паника да не заболи од заразната болест и ја прифатил помошта од Трамп, но му рекол да не открива дека во Москва испратил ретки медицински средства. Путин наводно му рекол: „Не сакам да кажеш на никого, бидејќи луѓето тебе ќе ти се налутат, не мене“.

Четири години подоцна, Трамп го зачува личниот контакт со Путин, пишува Вудворд.

-Едниот води кампања да се врати во Белата куќа, а другиот организира крвава војна во Украина.

Од книгата исто така се дознава и дека на почетокот на оваа година, поранешниот претседател му наредил на еден од своите помошници да го напушти неговиот кабинет во Мар-а-Лаго, приватен голф клуб и резиденција на Трамп на Флорида, за да може да води личен телефонски разговор со рускиот лидер. Книгата не опишува што двајцата наводно разговарале, а цитира официјално лице од кампањата на Трамп кое ја доведува во прашање наводната комуникација. Но, ненаведен помошник на Трамп цитиран во книгата укажува дека републиканскиот лидер најверојатно разговарал со Путин дури седум пати откако Трамп ја напушти Белата куќа во 2021 година.

Прочитајте и:  Борел: Трамп на чело на САД не е крај на светот, туку почеток на нов, поинаков

Според овие контакти меѓу Трамп и авторитарниот лидер на Русија која е во војна со американски сојузник, Вудворд заклучува дека Трамп е полош од Ричард Никсон, чиј мандат беше прекинат по Вотергејт скандалот, откриен пред половина век од Вудворд и Карл Бернстин, негов колега од весникот.

-Трамп беше најризичниот и најимпулсивниот претседател во американската историја и го демонстрира истиот карактер како кандидат за претседател во 2024 година, пишува Вудворд во книгата „Војна,“ која ќе биде објавена на 15 октомври.

Кампањата на Трамп не одговори на барањето за коментар од весникот.

Со издавањето на книгата пред самиот почеток на претседателските избори, Вудворд, кој повеќе од 50 години ги документира успесите и поразите на американските претседатели, заклучува дека Трамп не е соодветен за функцијата додека претседателот Џо Бајден и неговиот тим, и покрај пропустите, покажале „стабилно и целенасочено лидерство.“

Потпретседателката Камала Харис, демократската кандидатка за претседател, според Вудворд се прикажува како остроумен и лојален играч број два на Бајден, но не и како влијателен глас во надворешната политика на неговата администрација.

Ова е четврта книга на Вудворд по победата на Трамп во 2016 година. Таа главно се фокусира на двете војни кои го окупираат тимот за национална безбедност на Бајден — сеопфатната војна на Русија во Украина, што започна во февруари 2022 година, и кампањата на Израел против Хамас и другите проирански прокси сили по нападите на Хамас лани на 7 октомври.

- Реклама -