Американска нуклеарна подморница се судрила со неидентификуван објект во Јужното Кинеско Море

Вашингтон, 8 октомври 2021 (МИА) – Американска нуклеарна подморница се судрила со неидентификуван објект додека патролираше во Јужното Кинеско Море, област каде Кина има големи претензии, соопшти американската морнарица.

„Американската нуклеарна подморница „Конектикат“ се судри со неидентификуван објект за време на навигацијата во индо-пацифичкиот регион“, објави денеска прес-службата на Пацифичката флота на американската морнарица.

Подморницата за брз напад, од класата Сиволф „Конектикат“ (С СН 22) го погоди објектот додека беше под вода на 2 октомври попладне во меѓународните води во индо-пацифичкиот регион, се вели во соопштението, пренесува ТАСС.

Безбедноста на екипажот останува главен приоритет на морнарицата, беше истакнато во соопштението во кое се додава дека никој не претрпел повреди опасни по живот.

Прочитајте и:  Македонските државјани од 30 ноември во Кина ќе патуваат без визи

Подморницата е во стабилна состојба, нуклеарниот погон и простор не се погодени и се целосно во функција.

Прес-службата наведе дека се проценува степенот на оштетување на остатокот од подморницата и додаде дека инцидентот ќе се испита. Според Фокс њуз, инцидентот се случил во Јужното Кинеско Море.

Во извештајот се наведува дека подморницата не се судрила со друга подморница и се враќа во пристаништето.

- Реклама -